Европскиот енергетски пазар се соочува со нов, жесток бран на ценовна нестабилност кој директно го загрозува животниот стандард и ја подгрева инфлацијата. Најновите податоци на „Евростат“ откриваат двоцифрен годишен раст на цените на горивата и мазивата во Европската Унија од дури 16,9 проценти. По кратката јунска пауза, ценовниот притисок на бензинските пумпи во јули повторно забрза, отворајќи го прашањето колку овој шок ќе го оптовари целокупното европско стопанство.
Ситуацијата е алармантна речиси насекаде. Во дури 25 од 27 земји членки на ЕУ е регистриран сериозен раст. Најголем годишен скок е забележан во Романија со дури 24,2 отсто, по што следуваат Германија и Литванија со по 22,9 отсто, Бугарија со 22,2 отсто, Холандија со 22 и Финска со 20,5 проценти. Единствено во Унгарија е забележано какво-такво минимално намалување од 0,1%, додека на Малта цените останаа замрзнати поради државниот ценовен режим.

Дополнителен масло на огнот излијаа најновите геополитички тензии и воени судири. Цените на нафтата на светските берзи веднаш скокнаа за над два проценти откако американските сили погодија воени цели на иранскиот остров Ларак во Ормускиот Теснец. Фјучерсите за суровата нафта „Брент“ се искачија над 90 долари за барел. Со оглед на тоа што речиси половина од глобалното снабдување со нафта доаѓа од држави кои директно се опфатени со војна, транспортните и енергетските пазари се наоѓаат во постојана блокада и неизвесност.
Експертите предупредуваат и на еден голем „европски ценовен парадокс“. Поради ограничените рафинериски капацитети во Европа и намалените глобални резерви, потрошувачите може да се соочат со апсурдна ситуација: цената на суровата нафта да се намалува, а цените на бензинот и дизелот на пумпите да останат екстремно високи.
Ова е посебно критично кај дизелот, кој не е само обичен трошок за возачите, туку главен погон за товарниот транспорт, земјоделската механизација и индустријата. Поскапувањето на дизелот експресно се прелева во повисоки цени на храната и основните производи во продавниците. Инфлацијата во еврозоната веќе се качи на 2,9 проценти, при што токму енергетскиот сегмент забележа раст од 10 отсто. И покрај тоа што Европската комисија тврди дека засега нема непосреден недостиг од гориво, јасно е дека високите цени веќе ги принудуваат домаќинствата драстично да штедат и да ја кратат потрошувачката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата