logo
logo
logo

„ЈЕЛОУ ВУД ПАРТНЕРС“ ГО ПРЕЗЕМА БИЗНИСОТ СО СУПЛЕМЕНТИ НА „НЕСТЛЕ“ за 850 милиони евра

Vecer | 02.09.2026

„ЈЕЛОУ ВУД ПАРТНЕРС“ ГО ПРЕЗЕМА БИЗНИСОТ СО СУПЛЕМЕНТИ НА „НЕСТЛЕ“ за 850 милиони евра

Швајцарската компанија „Нестле“ денеска соопшти дека постигнала договор за продажба на својот бизнис со витамини, минерали и суплементи на компанијата за приватен капитал „Јелоу вуд партнерс“ (Yellow Wood Partners) за околу 850 милиони евра.

Трансакцијата ја опфаќа платформата „Холистик хелт“ (Holistic Health), односно бизнисот на „Нестле“ за суплементи за широка потрошувачка, како и седум бренда: Nature's Bounty, Osteo Bi-Flex, Ester-C, Garden of Life, Nuun, Puritan's Pride и Sisu, пренесе Ројтерс. Во рамките на трансакцијата ќе биде продаден и бизнисот на „Нестле“ за суплементи под трговска марка на малопродажните синџири во Соединетите Американски Држави.

Извршниот директор на „Нестле“, Филип Навратил, изјави дека компанијата сака да ги насочи ресурсите кон областите во кои има најголема конкурентска предност.

„Бизнисот со витамини, минерали и суплементи за широка потрошувачка бара поинаков пристап под сопственост на специјализиран сопственик“, рече Навратил.

Продажбата е дел од пошироките напори на „Нестле“ да го преструктуира своето деловно портфолио и да се фокусира на областите за кои смета дека имаат најголем потенцијал за раст. Компанијата и понатаму ќе биде присутна на пазарот за витамини и суплементи преку своите производи од повисока категорија, вклучувајќи ги брендовите Solgar и Pure Encapsulations.

За инвестициската компанија „Јелоу вуд партнерс“, со седиште во Бостон, ова ќе биде шеста аквизиција од големите компании во секторот за стока за широка потрошувачка од 2019 година наваму. Меѓу претходните аквизиции се брендот ChapStick, купен од компанијата „Халеон“ (Haleon) во 2024 година, како и одделот Elida Beauty на компанијата „Унилевер“ (Unilever), купен во 2023 година.

Се очекува трансакцијата да заврши во првата половина од 2027 година, по добивањето на потребните регулаторни одобренија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk