За период од една година преку Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) се извршени повеќе од 581.000 трансакции. Вкупната вредност на плаќањата е околу 11 милијарди евра, а граѓаните и компаниите заштедиле повеќе од 5 милиони евра, соопшти Народна банка на годишнината од воведувањето на системот во земјава.
Според Народна банка со воведувањето на системот надоместоците за граѓаните се намалиле за шест пати, а за компаниите за девет пати.
Се очекува заштедите на граѓаните и компаниите да растат како што напредува преминот кон каналот СЕПА, што создава можности за нови инвестиции кај компаниите, особено во рамките на малите и на средните претпријатија и обезбедува директна поддршка на расположливиот доход на домаќинствата.
За помалку од една година од пристапувањето, СЕПА прерасна во водечки канал за извршување и прием на прекуграничните плаќања во евра достапен преку секоја домашна банка. Заклучно со септември 2026 година, учеството на трансакциите преку СЕПА во вкупниот број прекугранични трансакции за прилив и одлив во евра достигна 69%. Речиси подеднакво е учеството кај прекуграничните трансакции и за одлив (67%) и за прилив (70%), што укажува на тоа дека граѓаните и компаниите сѐ почесто ја користат СЕПА и за испраќање во и за прием на средства од странство. Важноста на инфраструктурата на СЕПА се потврдува и според вредноста на трансакциите, при што заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА се обработени повеќе од половина од вредноста на прекуграничните трансакции во евра за прилив и над 70% од вредноста на оние за одлив – велат од Народна банка.
Во однос на структурата на корисниците, и граѓаните и компаниите сѐ почесто ги користат плаќањата преку СЕПА, при што електронските канали имаат позначајно учество, што придонесува кон дигитализација на плаќањата и намалување на употребата на готовината во секојдневието.
-Имено, 70% од електронските трансакции за прилив и 80% од оние за одлив на физичките лица се извршени преку СЕПА, додека кај компаниите, трансакциите преку СЕПА учествуваат со 70%, односно 65%, во електронските трансакции за прилив и одлив – посочуваат од Народна банка.
Според Народна банка, СЕПА не носи придобивки само преку поефикасни и подостапни прекугранични плаќања, туку создава и долгорочни развојни можности за економијата преку иновации, дигитална трансформација, зголемена конкурентност и поширока финансиска вклученост. Позитивното влијание од СЕПА се очекува да се засили во следниот период.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата