logo
logo
logo

Џ.Ф. Кенеди

Кој го уби Џон Кенеди?!

Vecer | 07.09.2021

Кој го уби Џон Кенеди?!

Убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, е извршено во Далас, Тексас на 22 ноември 1963 година, во 12 часот и 30 минути, во моментот кога тој, како дел од претседателската свечена колона, се движел со своето кабриолет возило, пред насобраните симпатизери во Далас. Во претседателскиот Кадилак се возел заедно со сопругата Жаклина, која седела до него на задното седиште, и гувернерот на Тексас, Џон Конели седнат напред, до возачот на кабриолетот.

Снимките на убиството, кои станаа историски материјал, се снимени од Абрахам Запрудер, аматер кој се нашол на местото на настанот како симпатизер на Кенеди. Полицијата случајот го решила исклучително брзо, за само неколку часови. Веднаш е дадена изјава со име и податоци за виновникот, пред и да се направи истрага, секако пред и да има судење. Од полицијата, за убиец е означен Ли Харви Освалд, работник од Далас. Според првата полициска изјава Освалд бил и симпатизер на комунизмот.

Но, она што навидум било брз успех на полицијата, пронаоѓање и фаќање на атентаторот, потоа со време се покажало и како најголем хендикеп на официјалниот извештај на безбедносните служби на САД. Истрагите кои следеле ја отворило дилемата: до кој степен и самите безбедносни служби на САД учествувале во атентатот кој, навидум, го решиле за само неколку часа.

До ден-денес, повеќе од 50 години по атентатот, нема официјален судски извештај кој дефинитивно би утврдил - кој навистина го убил американскиот претседател Џон Ф. Кенеди?! Анкетите спроведени меѓу граѓаните на САД десет години по убиството покажувале дека половина од анкетираните се сомневаат во официјалната верзија. Сега, 55 години по атентатот, во извештајот не веруваат над 70 проценти од Американците.

Дополнување, или потврда за сомневањата во званичната верзија дојде од највисоко место, од 43-тиот претседател на САД Доналд Трамп. Имено, според изјави на американскиот претседател од почетокот на неговиот мандат во 2017 година тој има проблеми со опструкции од ФБИ и ЦИА кои, водени од сопствените интереси, отвараат афери и пласираат свои непотврдени сознанија преку медиумите против угледот на американскиот претседател Трамп, неговите први соработници како и против членови на неговото семејство. Преговорите за мир во куќата, далеку од јавноста, траеа повеќе од шест месеци, но без успех. Како знак на закана и одмазда претседателот Трамп во октомври 2017 година нареди објавување на тајното досие за атентатот врз Џон Ф. Кенеди. Според американскиот портал Политико досието содржи 3.100 строго тајни, никогаш објавени документи кои биле тајна и за американскиот врв надвор од ФБИ и ЦИА, и околу 31.000 документи чии содржини досега биле само делумно познати. Политико пишува дека документите наведуваат на заклучок за завера, онака како што опишал режисерот Оливер Стоун во неговиот филм JFK од 1991 година.

Њујор Тајмс на 26 октомври 2017 објави дел од соджините на тајните документи за кои се вели дека отвараат многу пршања и сомневања, и се цитираат тајни докумнети и засписници на ФБИ во кои се наведува дека постојат изјави, помеѓу останатото и на Марк Лејн, адвокатот на семејството Освлад за вмешаност во атентатот и на полицаецот Ј.Д Типит од придружбата на претседателот Кенеди во Далас на кобниот ден. Се наведува и меморандум со придружна документација на шефот на ФБИ Едгар Хувер од 24 ноември 1963 година непосредно по атнтатот врз претседателот Кенеди, за која документација Њујорк Тајмс заклучува дека покажува голема мерка на конфузност и дезориентираност на службата во ФБИ и постапките кои ги преземале.

Во документи на ЦИА се наведува сомневање за вклученост во атентатот и на соработник на ЦИА, Франциско Родригез Тамајо кој бил капетан на бунтовничката кубанска војска обучувана во кампот Понтачартрен од ЦИА да се бори против Фидел Кастро. Во тој фајл на ЦИА се содржани и сомневања за посетата на Куба од страна шефот на мафијата Џек Руби на Куба непосредно пред атентатот. Џек Руби, патем, е човекот кој го убил Ли Харви Освалд, осомничен за атентатот врз Кенеди пред тој да биде детално сослушан и суден.

Доналд Трамп реши да објави околу 80 проценти од тајните документи, ценејќи дека е тоа доволно да се прати и прифати пораката до ФБИ и ЦИА. Останатите 20 проценти, секако главни и клучни за можна вмешаност на ЦИА и ФБИ во атентатот врз Кенеди остануваат тајна. Засега.

Пред убиството, Кенеди решил да дојде во Далас, со што би ја почнал кампањата за изборите во наредната, 1964 година. Далас бил упориште на републиканскиот противкандидат, и тимот на Кенеди сметал дека далеку пред изборите треба да се обиде да тргне од најтешкиот дел од теренот. Претходно, во Форт Ворт на Флорида, имал студен пречек но, на негово изненадувње, во Далас излегле неочекувано многу луѓе, според радио репортерите кои известувале - околу 200.000 дошле да го поздрават и поддржат. Се движел, по негово барање, заедно со сопругата Жаклина Кенеди, во отворена лимузина, без покрив при убаво време и заради непосреден контакт со граѓаните. На седиштето пред нив седел гувернерот на Тексас Џон Конели и неговата сопруга Нели.

Пред нив оделе возила на обезбедувањето со десет лица, а зад него возилото со потпретседателот Линдон Џонсон и сенаторот Ралф Џеброу. Во 12 часот и 30 минути претседателската лимузина свртува на крстосница, и се вклучува на улицата Елм, со брзина од само 18 километри на час минувајќи пред зграда, магацин за учебници на Дилеј Плаза.

Во 12 и 30 се слуша пукање, по кое шоферот на претседателскиот автомобил прави грешка и нагло закочува, а дури после три секунди забрзува и го напушта местото на настанот. Претседателот Кенеди се фаќа за грло, а кога возачот нагло забрзува, неговата глава е силно зафрлена наназад.

Радиорепотрерот кој известува за настанот е шокиран, и за американското радио пренесува: - "Се случува нешто чудно, нешто не е во ред!"

Жаклина Кенеди, во моментот на пукањето врз претседателот, се фрла на страна и се обидува ползејќи да го напушти местото. Обезбедувањето е стаписано во место. Дури потоа, откако пукањето завршува, еден човек од обезбедувањето скока врз задната хауба на лимузината и се фрла врз претседателот да го заштити. Но, доцна е.

Во автомобилот со куршум е погоден и гувернерот Џон Конели, кој седел пред претседателот Кенеди. Лимузината во 12 и 31 се упатува кон клиниката Паркленд. Во 13 часот свештеник ја известува јавноста дека Џон Ф. Кенеди починал во својата 46-та година. Се е завршено - од атентатот, евакуацијата, клиничката интервенција, констатирање и објава на смрт... за само 30 минути!

Спротивно на законот, не е извршена обдукција. Без согласнот и заклучок на лекарите, обезбедувањето го носи телото до претседателскиот авион.

Само 90 минути по соопштувањето на смртта, во 14 и 38 часот, во претседателскиот авион потпретседателот Линдон Џонсон дава заклетва и станува нов претседател на САД. На заклетвата, до него, стои сопругата на тукушто убиениот Џон. Ф. Кенеди.

Само еден час потоа полицијата во Далас ја покажува пушката од која, наводно, е убиен Џон Кенеди, и изјавува дека убиецот е Ли Харви Освалд, работник од магацинот за книги, симпатизер на комунизмот кој три години, од 1959 до 1962, престојувал во Москва и се оженил со Русинка. Веднаш се објавени неговата фотографија, неговата биографија, политички и психолошки профил, изјави на неговите блиски и пушката марка "Маузер" со оптички нишан! Сето ова се случило за помалку од три часа по извршениот атентат.

Со ова, Освалд, симпатизер на Фидел Кастро, е изнесен како идеален профил на осомничениот убиец. Се што е потребно за политичко делување има во неговата биографија: комунизам, приврзаник на Кастро, нестабилен човек, вооружен психопат.

Немало судење на Ли Харви Освалд. Два дена потоа полицијата организира над 70 новинари и фоторепортери пред кои го носи на сликање, попатно додека го пренесува во суд. Иако полицијата транспортирала лице осомничено за атентат врз американски претседател, криминал од врвен државен интерес, и човек кој треба допрва да открие можен нарачател, мотив и организација на атентатот... Нема специјално, туку само редовно обезбедување при спроведувањето на Ли Харви Освалд.

Од гужвата новинари и љубопитни луѓе излегува Џек Руби, локален криминалец и макро од Далас, и пред камерите со пиштол го убива Ли Харви Освалд! Со тоа му е пресудено и пред да се случи истрага и судење. Приказната за атентаот е затворена.

Убиството кое Џек Руби во Далас го извршил врз Ли Харви Освалд е прва убиство снимено и објавено во живо во историјата на телевизиските преноси.

По убиството Џек Руби е упасен, и суден во Далас. Негов прв адвокат бил Том Хауард. На прашање на адвокатот дали има на ум како би можел да му помогне, Џек Руби бара да му се овозможи средба со човек по име Дејвис, кој треба да му помогне и да го ослободи. До средбата не дошло. Новинарот Сет Кантор која го истражувал овој настан, открил дека врската на Џон Руби е лицето Томас Ели Дејвис, соработник на ЦИА кој организирал пренос на оружје за бунтовниците против Кастро, на Куба. Томас Дејвис и неговата улога се потврдени и со објавените документи на ЦИА по налог н претседателот Трамп, во октомври 2017 година.

Набргу, Џек Руби добива нов адвокат, Мелвин Бели од Сан Франциско кој го брани без надомест, про боно. Одбраната тврди дека Руби е непресметлив, и не е одговорен за своето дело. Судот, на 14 март 1964 година, пресудува за убиство со умисла, и одредува смртна казна. Џек Руби се заканува дека ќе зборува повеќе отколку што некои очекуваат, бара преместување од Далас во Вашингтон, специјална заштита... и бара средба со специјалната комисија за истражување на атентатот, Вореновата комисија. Иако е вон стандардите, тие се среќаваат со него во јуни 1964. Не можеле да му обезбедат средба со претседателот Линдон Џонсон, како што барал, но смртната казна не е извршена.

Во март 1965 година, додека од Апелациониот суд чека одлука по жалба на пресудата, Џек Руби има кратка прес конференција на која пред новинарите изјавува: - "Сето ова што го гледате во врска со моето судење не е вистината. Мотивите, причините и извршувањето сеуште не се обелоденети, и за некои луѓе би било подобро да остане така..." – "Дали тие некои луѓе се во врвот на политиката во Вашингтон", е дополнително прашање на еден од новинарите. – "Да", одговорил Џек Руби.

Апелациониот суд ја прифатил жалбата на Руби, и закажал повторување на процесот за февруари 1967 година, но не во Далас, туку во Вичита - Тексас. Но, судење немало. На 9 декември 1966 година Џек Руби е донесен во клиниката Паркленд во Тексас, истата во која бил донесен и застреланиот Џон Кенеди по атентатот... бил донесен со дијагноза - воспаление на белите дробови. Умрел три недели потоа.

За утврдување на фактите во врска со атентатот врз Џон Ф. Кенеди на 29.11.1963 година, по барање на претседателот Лондон Џонсон, форимирана е комисија. Со неа претседавал првиот човек на Врховниот суд Ерл Ворен, па по него неформално е наречена Воренова комисија. Десет месеци потоа, на 24. септември 1964 година, комисијата ги објавува своите наоди во извештај од 888 страници. Според нив, убиецот на претседателот Кенеди е Ли Харви Освалд, а Џек Руби го убил Освалд самоиницијатвно, на своја рака, како емотивна реакција по загубата на претседателот.

Според наодите на комисијата Ли Харви Освалд делувал сам, употребил три куршуми, од кои еден бил смртоносен за претседателот Кенеди. Работата и наодите на Вореновата комисија со децении ќе бидат демантирани и негирани од експертите.

Уште при првата анализа на аматерската снимка од настанот направена од Абрахам Запрудер, се покажало дека тоа не било технички можно. Сите три куршуми кои се слушаат се испукани за пет до шест секунди, а само репетирањето на тој модел пушка бара најмалку 10 секунди за три испукувања, и тоа од искусен професионалец.

Освен ова, Кенеди и гувернерот Конели кои се погодени едно по друго, иако нема време да се репетира и пука повторно за толку кус рок.

При обележувањето на 50 години од смртта на Џон Кенеди, група експерти во 2013 година прикажале документарен филм кој е резултат на четири години истражување, со наслов: ЏФК - Зачадено оружје. Австралискиот експерт за оружје, полицискиот ветеран Колин Мекларен, изнел свои заклучоци со кои се докажува теоријата за атентатот на експертот Хауард Донахју кој посветил 20 години за да докаже - дека официјалната верзија, и наодите на Вореновата комисија, не се точни.

Имено, според нив и докумнетарниот филм кој тоа го докажува, пукано е од повеќе оружја. Смртоносниот куршум во главата на Кенеди го испукал човек од неговото обезбедување кој бил зад него (и за ова се пишува во тајните документи на ЦИА објавени во 2017 година). Тој човек, агент од обезбедувањето, е Џорџ Хики. Бил во автомобилот зад претседателскиот Кадилак, и пукал случајно, во брзање. Џорџ Хики и неговите колеги од тајната служба претходната ноќ ја поминале во пиење, и утредента биле мамурни и неспособни за ориентација, и делување во таква ситуација.

Дали е тоа причината зошто потпретседателот Линдон Џонсон и обезбедувањето од тајната служба не дозволиле да се изврши обдукција на Џон Кенеди во клиниката Паркленд, и на лице место да се утврди кој и со што пукал во него, и што довело до смртта.

Ова ја потврдило тезата за завера, дека има уште најмалку еден стрелец при атентатаот. Вореновата комисија на ова одговорила со теорија за т.н. магичен куршум, односно дека и Џон Кенеди кој седел на задното, и гувернерот Конели на предното седиште - се погодени со ист куршум кој првин влегол во телото на Кенеди кај вратот, шетал низ телото до колкот, излегол оттаму па минал низ седиштето пред него и го погодил Конели. Против ова говори балистиката која со анализа утврдила дека куршумот нема деформации кои докажуваат таква траекторија на движење.

Американскиот државен обвинител Џим Гарисон, кој во 1967 повторно го истражувал случајот, изјавил дека во теоријата се е можно, но според Гарисон овде праксата вели дека магичниот куршум е измислен доказ.

Со тонска анализа на снимките од настанот, американскиот научник Томас пишува во стручното списание Наука и Правда дека има 4, а не три испукувања! Дека се пукало и од жбунови спроти зградата и магацинот од кој, наводно, пукал Ли Харви Освалд. Тоа е причината зошто по истрелот телото на Кенеди паѓа напред, а не наназад, како што би требало ако во него пукал Освалд. Дополнителните истраги утврдиле и дека нема записник од првото, десет часа долго, сослушување на Ли Харви Освалд.

Подоцна, со анализа на случајот, е утвредно и дека Ли Харви Освалд немал прецизна пушка Маузер, туку друга, стар модел на Манлихер каркано, со која е само теоретски можно да се пука прецизно од голема далечина. А и куршумите на пушките се различни! Докажано е дека фотографијата на која Освалд држи пушка марка Маузер е фалсификувана од полицијата во Далас.

Во 1979 година посебен пратенички одбор, со сумирање на сите резултати, дошол до официјален заклучок дека атентатот е извршен од повеќе лица, и дека се работи за завера. Одборот, се вели во извештајот, ова го утврдил но, не е во состојба да утврди и именува кои лица, и во кој обем ја организирале заверата.

По Кенеди, Линдон Џонсон ја суспендира неговата одлука за американско повлекување од Индокина, и наредува ангажман на американската војска во Виетнам. Армијата е повторно главна на сцената. Се возобновува Студената војна со Советскиот Сојуз, и се воведува трајна општа блокада кон Куба. Расната поделеност, која Кенеди ја смири, се разгорува.

По атентатот врз Џон Кенеди на 4. април 1968 година во Мемфис, држава Тенеси, се случува убиството на црнечкиот лидер Мартин Лутер Кинг. Атентатот го извршил Џемс Ерл Реј, кој по апсењето го признал убиство, и добил пресуда - смртна казна на електрична столица која никогаш не е извршена. Во понатамошните судења тој го повлекол признанието, со образложение дека адвокатите го навеле да даде признание за да се спаси од смртна казна, со ветување дека за кратко време Џорџ Валас ќе биде избран за гувернер на Албама и ќе заврши работа Реј да излезе од затвор за само неколку години. Но, тоа не се случило. Реј умрел во затвор, на 20. април 1998 година, на 70 годишна возраст.

И овој атентат бил премет на истраги, и докажување на завера во која учествуваат државни институции, пред се ФБИ. Имено, ФБИ од 1961 година водел досие за криминалецот Џемс Ерл Реј дека е комунистички симпатизер и соработник. Истата квалификација која била изнесена за Ли Харви Освалд по атентатот врз Кенеди.

Директор на ФБИ бил Едгар Хувер, во чие време на владеење со ФБИ се случиле атентатите врз Џон Ф. Кенеди, како и врз Мартин Лутер Кинг. Хувер е шеф на ФБИ и на 6 јуни 1968 година, кога при атентат во Лос Анџелес за време на претседателска кампања е убиен и братот на Џон, Роберт Боб Кенеди.

Едно од местата кои создаваат сомневање е земањето на телото на Џон Кенеди, без извршена обдукција, од клиниката Паркленд во Далас, и неговото транспортирање со претседателскиот авион за помалку од еден час по извршување на атентатот, како и брзата постапка за нов претседател која тогашниот потпретседател Линдон Џонсон ја спровел неполни три часа по атентатот, и тоа во претседателскиот авион.

Во Февруари 2012 година е објавена оригиналната аудио снимка од случувањата во претседателскиот авион Ер Форс 1, непосредно по атентатот.

Во авионот биле советниците на Џон Кенеди, неговата сопруга Џеки Кенеди и потпретседателот Линдон Џонсон, кој го наследил на претседателската функција.

До осумдесеттите години на јавноста и било познато дека снимката од тој разговор е онаа која се наоѓа во националната библиотека во Вашингтон, но објвувањето на оригиналната снимка, со траење од 2 часа и 22 минути, покажало дека оригиналната снимка била 42 минути подолга од дотогаш познатата.

Снимката ја направил еден од првите советници на Кенеди, генералот Честер Тед Клифтон, и ја чувал кај себе се до својата смрт. Генералот умрел во 1991 година, а по смртта на неговата сопруга во 2009 година наследниците снимката ја продале на калифорниската куќа Раб, за 500.000 долари. На таа снимка, за разлика од скратената која се наоѓала во Националната библиотека, има две дела кои упатуваат на понатамошни истраги за околностите на атентатот, и брзото превземање на функцијата од Џонсон.

Познато било дека врвот на американската армија, по одлуката на претседателот Кенеди да не интервенира воено на Куба, туку да се договори мирна разврска со Хрушчов и Москва... во врвот на армијата имал голем број непријатели и критичари. Еден од нив бил генералот Кертис Лемеј, командант на американското воздухопловство кој јавно го обвинил претседателот Кенеди дека со одлуката за повлекување од акција на Куба е автор на најголемиот пораз во современата американска историја.

Во делот на снимката од 42 минути, кој до 2012 не бил познат на јавноста, еден од соработниците на генералот Ламеј, кој бил во авионот Ер Форс 1 со телото на Кенеди и Линдон Џонсон, го повикува генералот Кертис Ламеј употребувајќи ја тајната шифра Внук. Разговорот понатаму е избришан, веројатно заради тајноста на другите шифри во него.

Новиот дел од снимката го содржи и разговорот помеѓу потпретседателот Линдон Џонсон и мајката на Џон Кенеди. Линдон Џонсон ја прочитал заклетвата со која ја наследува претседателската функција од Џон Ф. Кенеди само неколку минути пред да полета авионот од Далас за Вашингтон, помалку од два часа по атентатот. Според снимката, потоа телефонски и се јавува на мајката, Роуз Кенеди, да и изјави сочувство.

- "Знам колку го сакавте Џон, а и колку тој ве сакаше вас", смирено му вели Роуз Кенеди на Линдон Џонсон, и потоа му ја затвара слушалката, и го прекинува разговорот.

Во октомври 2013 година американскиот претседател Обама ја постави Каролина Кенеди, ќерката на убиенот претседател Џон Кенеди, за амбасадор во Јапонија. Во својата изјава пред стапување на функцијата, таа кажува дека ќе ја спроведува политката на својот татко, Џон Ф. Кенеди.

Џон Ф. Кенеди (1917-1963) бил второ, од деветте деца на Џозеф и Роуз Кенеди. Семејството Кенеди целосно било посветено на политиката, дел од демократската партија, а неговиот дедо Џон Фитџералд бил градоначалник на Бостон.

Кенедиеви живееле според стилот на европските аристократи, и по тоа биле репрезентативен примерок на американската политичка аристократија на 20. век. Џон Ф. Кенеди бил 35-от претседател на САД. Победил на изборите, и станал претседател од 20 јануари 1961 година, кога противкандидат му бил републиканецот Ричард Никсон. Џон Ф. Кенеди бил најмлад американски претседател, и прв католик на чело на САД бидејќи сите претседатели пред него, а и најголемиот дел по него, биле протестанти. Негов потпретседател бил Линдон Џонсон.

Непосредно пред атентатаот, Џон Кенеди успеал да ја реши кубанската криза на која и претходело поставување американски ракети во Турција, близу границите на Советскиот сојуз. Москва, по одлука на претседателот на СССР Никита Хрушчов, почнала постапка за поставување свои ракети со атомско полнење на Куба, непосредно до територијата на САД. Тоа предизвикало тензии, и закана со атомска војна.

По договорот за обострано повлекување, Кенеди најавил и повлекување на американските воени советници од Виетнам. Ови две решенија му донеле слава пред американската и светска јавност, но предизвикале силни тензии во неговиот тим во кој прв соработник му бил министерот за одбарана Роберт Мекнамара, и раководството на американската Армија која ова го сметала за воен пораз и штетно за интересите на САД.

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk