logo
logo
logo

Фрида Кало

Животот е тука за да се живее. До последен здив

Vecer | 09.06.2023

Животот е тука за да се живее. До последен здив

Ова е приказна за сексот, страста, уметноста, убавината и верноста кон својот избор дури и кога го делиш креветот со некој друг. Ова е приказна за моќта на болката да го издигне човека високо и над неговата природа, и од него да создаде чудо. Ова... е приказна за животот живеан до изнемоштување.

Фрида Кало. Невозможно е да се пишува за неа, а читателот да ја допре нејзината природа без и самиот да го има тој оган во себе, или барем да трага по него. Приказна која се раскажува и прима со страст. Или ја имаш, или ја немаш... ако ја немаш, заборави го ова, и побарај друга.

Приказна за жената поради која вреди да се сака уметноста, и да се верува дека животот е, сепак, неповторлив и можен како најубаво нешто што човек може да си го дозволи. Единствен услов е - да го сака животот кој го има. Да, Фрида Кало е апотеоза на таа жизнерадосност.

Паметните луѓе знаат дека голем дел од сопствената судбина човек определува сам, согласно подготвеноста да препознае и следи правила и модели кои ја афирмираат неговата личност и му ги пружаат неговите потреби. Паметните го знаат тоа, но дали е живото по правила навистина - живот? Или безбедна зона која човек сам ја оградува со високи ѕидови верувајќи дека во тој ограден простор на правила и ред е заштитен, моќен и задоволен.

Монасите, но и оние други посветени на верата веруваат дека светот почнува и завршува во светите и други книги. Секој чекор надвор од таа фантазија е светогрдие, грев и казна која следи потоа. Ниту паметните, ниту посветените не ја спомнуваат убавината на изненадувањето, на спонтаноста, на страста, на болката која раѓа херои и создатели... на жените. Фрида Кало е тој елемент во природниот систем на духовниот ред: огнот кој осветлува и топли, барем повремено допирајќи зад ѕидовите на паметните што ги знаат редовите, или посветените што мислат дека ги знаат одговорите.

Фрида Кало е Прометеј: огнот кој го турка животот надвор, и над ѕидовите на паметните. Повисоко и од најсветите книги на монасите. Таа е самиот живот сместен во тоа мало и немирно женско тело. И затоа, секој труд да се раскажува приказната за Фрида Кало, и секое време поминато приказната да се прочита вреди секој збор, и секоја секунда.

Во јули 2013 година бев во Баден Баден. Посетата се погоди во време кога во тој некогаш аристократски бањски град изложба имаше токму - Фрида Кало, највпечатливата животна приказна на некоја сликарка од дваесеттиот век. Во аристократскиот Баден Баден гостин со респект беше сликарката на левичарската слобода и занес. Тие што не и го простуваа тој занес додека живееше, се редеа пред галеријата во Баден Баден да го видат уметникот на социјализмот и надреализмот, жената која е се што е спротивно на аристократите и буржуите, како овие од Баден Баден. Но, тоа е силата на уметноста: да ги руши зидовите на паметните, да го открива светот над и надвор од книгите на свети правила и канони на посветените. А Фрида Кало била голем уметник. Толку голем што и аристокаритти и буржуите од Баден Баден се поколонуваат пред неа.

Таа е нескротен левичар, икона на слободниот дух, бунтовник, уметник и развратник со какви аристократите и буржуите ги плашат своите наследници. Патем, пеејќи ја песната на своето Мексико, и својата љубов кон нејзиниот... нејзиниот човек Диего Ривера. Сликар, политичар, љубовник и прељубник, нејзин учител и нејзин длабок немир... нејзиниот избор за живот до последниот ден.

Но, како што одамна препознал Питагора: Златото се проверува на оган, жената се проверува на злато, а мажот се проверува - на жена.  Затоа, приказната за Фрида Кало не може да биде тоа ако во неа го нема Диего Ривера. само заедно тие создаваат легенда за болката и страста. За љубовта.

Фрида Кало е есенција на се што животот значи, и содржи: љубов, уметност, гнев, еротика, страст и разврат, посветеност, болка онака како што Ниче ја опишал а таа ја преживувала; низа од падови и синџир од повторни исправања и продолжување на патот, политиката како судбина и судбината како дарба... и, пак, уметност, љубов, грев и гнев...

Дали Фрида Кало е голема сликарка, или е само голема приказна... според глобално престижниот и стручен сајт artscenetoday.com - во изборот на 200 најголеми сликари на дваесеттиот век, Фрида Кало е деветнаесетта. Ако на самиот врв се Пабло Пикасо, Сезан, Густав Климт, Моне, Матис... зад Фрида Кало на листата се Брус Нојман, Салвадор Дали, Роден, Макс Ернст, Реноар, Хенри Мур, Модилијани, Шагал, Миро... доволно за да констатираме, и заеднички да прифатиме, дека Фрида Кало е голема сликарка која зад себе остава и голема приказна. Единствена.

Се почнало на 6 јули 1907 година кога Магдалена Кармен Фрида Кало Калдерон се родила во Којоакан, јужно предградие на Мексико Сити - како ќерка на германскиот Евреин, фотографот Вилхелм Кало и неговата втора сопруга Матилда. Нејзиниот татко бил повлечен човек кој на уметноста и бил наклонет со целото свое битие: сликал, фотографирал, свирел клавир и ги читал германските филозофи. Сето тоа ги правел за себе, својата посветеност, без потреба од јавни настапи и експонирање.

Куќата во која Фрида Кало е родена, од 1958 година е музеј наречен – Плава куќа (Casa Azul).

Многу години подоцна Фрида Кало ја менува својата биографија. Го одбира своето име, и тврди дека е родена ден подоцна, на 7 јули 1910, денот на мексиканската револуција.

Уште како мала, на возраст од шест години, преживеала детска парализа по што едната нога и останала покуса и послаба но, никогаш не се срамела од тоа ниту се чувствувала инфериорно... напротив. Нејзиниот пркос и осет за сопствена вредност ја носеле од тој хендикеп да создаде енергија која недостатокот ќе го компензира во доблест на нејзиниот остар ум, посветеност и упорност да создава, да биде сакана жена со страст која е недоживеана за многумина, и да се бори за своето место во уметноста до последниот ден во животот. А патот до таму бил, благо речено, прилично бурен и напорен.

Пораснала дружејќи се, речиси без исклучок, со машки другари околу себе. И кога се запишувала во средно училиште била упорна да биде таму каде што наумила, па се запишала со фалсификувани податоци за датумот на раѓањето. По својата начитаност, речитост и остра мисла била над другите. Уште од тие денови станува член на младината на мексиканската комунистичка партија, како единствен женски член на партискиот подмладок.

Таму го сретнала и своето прво момче, Александро Гомез Аријас, со кого минала три години во врска, и со кого ја запознала политиката на која ќе и остане приврзана. Токму нему, во 1926 година, му го подарила и својот прв портрет - Фрида во сомотен фустан. Се запишала на престижната школа Пепараториа, сонувале за студии, и нејзиниот избор да заврши медицина.

Но, на 17 септмври 1927 година, возејќи се со своето момче во трамвај, се случува судар по кој преживува тешки повреди на стомакот, ногата и рбетот. Според лекарите, шансите да преживее и биле минимални, а и да опстане - предвидувале дека доживотно ќе биде парализирана.

По месец дена минати во болница половина година ја минува дома, лежејќи во гипсен корсет преку речиси целото тело. Не можела да се движи, па нејзиниот татко и поставил огледало на плафонот за да може да го види сопствениот лик, и подарил и прибор да го минува времето во сликање. Таа година, нејзината единствена визуелна инспирација и била сопствениот лик, и сопственото заробено тело. Единствена комуникација со надворешниот свет и било сликањето. Од сто четириесет и три слики на Фрида Кало, педесет и пет се автопортрети.

Тие времиња ја покажуваат вистинската Фрида Кало: упорна, силна и самоуверена, сонувач кој го живее својот сон спротивно на се околу себе. Но, за своите слики таа вели дека не се излезени од сонот, туку од животот. Година и пол по несреќата таа повторно оди. Тешко, со проблеми и напор но, се движи. Последиците кои останале засекогаш се големите болки во рбетот кои ќе ја следат до крајот на животот.

Била оперирана повеќе од триесет пати. Заради контрола на болките често употребувала опиум, но и други аналгетски дроги, како и алкохол. Лекувањето го осиромашило семејството, па Фрида Кало го напушта школувањето, и почнува да работи. А што би работела, освен да слика.

На една забава го запознала тогаш големиот мексикански сликар Диего Ривера, кому подоцна му ги покажала своите слики. Неговите забелешки биле пресудни за неа. А забележал дека во сликите има идентитет, дека има мексикански дух од кој не смее да се откаже и дека треба да продолжи понатаму.

И продолжила. Нејзините слики и обезбедиле место во историјата. Сликала брутален реализам, симболизам на сопствените тешки периоди, но и траумите на Мексико кој минувал низ поствоен период на револуцијата. Слики полни со еврејски, индијански и ацтешки симболи и митови. Слики на животот и смртта - кои се партнери, и нејзиниот лик кој е нивни соучесник. Со страст, живи бои и силни емоции.

Но, средбата не била само инспиративна за нејзината понатамошна работа и сликањето. Се вљубила во Диего Ривера. Фатално, и со целото свое битие. Засекогаш.

Имала во животот многу ноќи и постели поминати со други мажи, и со други жени исто така но, за неа постоел само Диего Ривера. За него пак, таа била инспирација и доказ за живот... Но, Ривера не можел против себе: за него постоело сликарството, муралите, левичарската политика... и многу други жени во животот без кои не можел да се замисли себеси. Бил прељубник со пасија, до таа мерка што спиел со нејзината добра другарка, славната актерка Марија Феликс, како и со нејзината помлада сестра Кристина.

Иако бил таков каков што бил, патем и над дваесет години постар од неа, се венчале на 21 август 1929 година. На венчавањето дошол само нејзиниот татко.

Набргу, се преселиле во САД, и живееле во Сан Франциско, а потоа во Њујорк каде Диего Ривера во 1933 година добил понуда да слика голем мурал на Рокфелер центарот, што му донело голема слава во Америка, но и пошироко. На сликата, муралот, бил портретиран и Ленин што било причина сликата да биде тргната од ѕидот, а тие да се вратат назад во Мексико.

По враќањето Ривера паѓа во депресија, одреден период го запоставува сликањето а нивните меѓусебни конфликти ескалираат. Фрида Кало е заслужна што, со својата поддршка, го вратила сликарот Диего Ривера назад, во живот.

Се развеле во 1940 година, но биле разделени само година дена, по што продолжиле заедно. Се венчале повторно, во 1950 година, кога Фрида Кало била сериозно болна, лежела девет месеци во болница и сликала.

Диего Ривера не бил убав човек. Напротив. Бил комунист, алкохоличар, женкар и кавгаџија. Кога ја запознал Фрида Кало бил во втор брак. Но, во Мексико во тоа време тој бил метафора за божество, обожуван од работничката класа, сликар на мексиканскиот национален романтизам и соцреализмот, иако парите ги заработувал продавајќи слики и дружејќи се со капиталистите. Неговиот мит за односи со жените секаде каде што ќе се укаже прилика... го одржувал внимателно и посветено.

Фрида Кало тешко ги поднесувала тие прељуби, иако често коментирала дека Диего Ривера е толкава големина што не може да биде само нејзин. - " Го нарекувам мојот Диего, иако никогаш не бил мој, ниту ќе биде... тој припаѓа само на самиот себе, и така се однесува..." рекла Фрида Кало за него. - "Во животот имав две несреќи, едната е сударот по кој се смени се, а другата е Диего Ривера..." вели Фрида Кало по разводот.

Но, и со двете несреќи таа ќе живее совладувајќи ги, дозволувајќи да го сменат нејзиниот живот и токму тие да направат од неа славно сликарско име на нејзиното време.

Незиното сликарство е сликање болка: физичка како последица од несреќата, со која се борела постојано... емотивна, заради неоствареното единство со нејзиниот Диего Ривера, и хендикепот што по несреќата ја загубила можноста да има деца.

Сликите кои ги работела се крајно персонализирани фази на нејзиниот живот. Од еуфоријата на љубов кон Диего Ривера и сопствената надмоќ да се издигне над болката, и живее со страст и љубов... до темната страна на нејзината борба да ја надвладее сопствената болка. И да ја надвладее повреденоста од Диего Ривера.

Та двојност и трансформација во секоја смисла е прикажана на нејзина најпозната слика - Две Фриди. Мотив на една Фрида во традиционална мексиканска облека, а другата Фрида во современ европски фустан. Сликата е изработена во 1939 година, времето на разделба со Диего Ривера.

Сликите кои таа ги работела се доминантно прикази и појави на трауми, рани, деформирано тело, сраснатост на телото со земјата, болката која е нејзина судбина но, и болката на Мексико кој се задушувал во сиромаштија и потчинетост на капитализмот.

Нејзините слики се и политика, социјалистичка. Го обожувала Сталин, но и Лав Троцки кој токму од Сталин бил протеран и потоа убиен во Мексико, и кој бил нејзин љубовник.

Лав Троцки со сопругата Наталија во 1936 година дошол во Мексико на инсистирање на Диего Ривера кој за тоа побарал, и добил дозвола од мексиканскиот претседатал Лазар Карденес. Бил сместен во куќата на Фрида Кало, но откако била откриена нивната љубовна врска, Троцки и сопругата се преселиле. По убиството на Троцки во август 1940 година истрагата се сомневала во учество на Диего Ривера и Фрида Кало, но сомневањата не се докажале, а за убиството е осуден Рамон Меркадер.

Портретот на Фрида Кало со Троцки, наречен - Зад завесата, се смета за нагласено емотивна реализација, и денес се наоѓа во Вашингтон.

Во тој период, опиеност од мексиканскиот национален романтизам и социјализмот се облекува во фолклорни мотиви на Техуан: долги фустани во живи бои и етнички мотиви, коса собрана и украсувана со традиционални цвеќиња... Имала бурни врски и водела љубов со мажи, но и со жени. Барала емоции, жестина и страст кои ќе ја надвладеат болката, и физичката и љубовната. Уживала и со некои од љубовниците на нејзиниот сопруг Диего Ривера, спиела со сопругата на францускиот надреалистички поет Андре Бретон, со музичката ѕвезда Џозефина Бејкер, со пејачката Чавела Варгас... Му била љубовница и на Пикасо, кога тој и подарил обетки кои, потоа, постојано ги носела. Долго, од 1928. па речиси десет години потоа, имала повремени односи со американскиот фотограф Николас Муреј.

Фрида Кало била зависник од забави на кои танцувала, пеела и пиела до изнемоштеност. Со многу занес, емоции, страст, секс и алкохол.

Во 1953 година добила гангрена, по што морале да и ја ампутираат десната нога, и во таа прилика духовито забележала: - "Што ќе ми се нозе, јас имам крилја".

Кога по иницијатива на една друга легендарна Мексиканка, актерката Салма Хајек, во 2002 година Џули Тејмор ќе го сними култниот филм Фрида, посветен на Фрида Кало со Салма Хајек во главната улога... носечката музичка нумера во филмот - Ла Лорона ќе ја пее токму Чавела Варгас, некогашната љубовница на Фрида Кало. Животот навистина знае да прави чуда.

Кругот на животот сакал, и успеал, да ги спои повторно, и по нејзината смрт. Се среќавале во четириесеттите откако младата Чавела Варгас дошла во Мексико, и зарипнато пеела ранчеро кантри во мексиканските барови и по улиците, облечена како машко, емотивна и жестока како и Фрида Кало. А кој би пеел поубаво, и поискрено за Фрида Кало од Чавела Варгас, нејзин современик и љубовник.

Не верувала дека е врвна и славна сликарка, туку дека работи за да преживе и да ги надвладее болките. Не верувала во својата уметност ни кога во 1939 година парискиот Лувр и откупил слика, нејзин автопортрет со назив - Рамка. Тоа била прва слика која Лувр ја купил од некој мексикански автор, дел од изложбата на Фрида Кало во Париз која за неа ја организирал Андре Бретон. Во Париз Фрида Кало се појавила на насловната страна на Вог, како исклучителен, оригинален лик и уметник.

Сакала да живее, а сликарството било нејзин сопатник. Единствен верен сопатник.

Така било и во 1931 година, кога во Сан Франциско го имала својата прв настап, на изложбата каде е прикажана нејзината слика, со очекуван наслов: Фрида и Диего Ривера.

Не се доживувала како славен уметник ниту во 1937. кога за прв пат нејзина слика се нашла на изложба во Мексико, ниту во 1938. на првата самостојна изложба во Џулијен Леви галеријата во Њујорк... ни потоа кога пред смртта, во 1953 година, ја имала првата самостојна изложба во нејзиното Мексико.

На единствената самостојна изложба која ја имала во своето Мексико дошла лежејќи во болнички кревет поставен на средина од галеријата, бидејќи била неподвижна.

Десет дена пред смртта, која дошла по неа на 13 јули 1954 година на возраст од 47 години, со Диего Ривера по силен дожд учествувала на политички демонстрации. Се вратила назад во својот болнички кревет, во нејзината Плава куќа, и рекла дека е доволно. Набргу, по неколку дена, починала.

Последната порака запишана во нејзиниот дневник неколку дена пред смртта е: - "Се надевам дека заминувањето е со радост, и дека никогаш повеќе нема да се вратам..."

Жената, уметникот кој го живеел животот со полна сила, страст и воља да извлече од него се што тој ќе и понуди... заминала посакувајќи никогаш повеќе животот да не и се повтори. Каде е тогаш страста, љубовта, умешноста да се добие повеќе од животот отколку што тој и земал... а и земал многу, нанесувајќи и болка постојано. Како што многу и подарил, давајќи и сила и моќ да живее исполнето и бурно до самиот крај. И со него нејзиниот однос е како доживувањето на Диего Ривера. Многу љубов, многу занес и страст, многу долг пат, откритија, вознемирувања и слава поминати заедно... а сепак, и за животот и за Диего Ривера таа ќе каже дека се тоа нејзините најголеми несреќи.

Но, тоа се само зборови изречени, или напишани, под терет на силната болка. Останува дека и животот, и Диего Ривера би биле празни без неа. А и таа без нив.

Последните десет години од животот Фрида Кало водела дневник со лични записи за својот живот, семејството, средбите и односите со луѓето, сликарството... во него запишала: - " Скршена сум. Ногата ми е ампутирана. Многу пати ми паднало на ум сама да превземам нешто, и да завршам со оваа болка која ме изнемоштува. Но, изгледа сум суетна и мислам дека ќе му недостасувам на мојот Диего... Тој ми рече така, и јас му верувам. Тоа ме одржува, и решив да почекам малку, да си дојде се по свое кога ќе му дојде време."

Нејзина желба била, по смртта, да биде кремирана: - "Премногу лежев во овој живот, затоа запалете ме. Едноставно, само запалете ме и толку...".

Диего Ривера починал три години подоцна.

Кремирана е, а урната е поставена во нејзиниот дом, денес музејот Плава куќа (Casa Azul) во Којоакан, Мексико сити каде се нејзините слики, фотографии со Диего Ривера, слики на Сталин, Ленин, Мао... Место кое е посетувано од милиони луѓе кои веруваат дека животот, сепак, е тука за да се живее. Со страст, со љубов и занес... до последениот здив.

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk