Српскиот претседател Александар Вучиќ побара од НАТО и КФОР да го спречат отворањето за сообраќај на главниот мост на реката Ибар во Косовска Митровица, предупредувајќи дека тоа, според него, би можело дополнително да ја загрози безбедноста на српското население во северниот дел на Косово. Вучиќ испратил писмо до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во кое ги обвини властите во Приштина за, како што наведе, „терор врз Србите“ и побара Алијансата да реагира.
Според Вучиќ, во изминатите пет години траел „непрекинат прогон“ на српското население на Косово, при што, како што наведе, биле регистрирани повеќе од 800 етнички мотивирани напади врз припадници на српската заедница.
„Побаравме да не го прават тоа, бидејќи тоа секогаш беше предмет на дијалог“, изјави Вучиќ, говорејќи за плановите за отворање на мостот.
КФОР на почетокот на август започна постепено да го намалува постојаното присуство на мостот, образложувајќи ја одлуката со подобрувањето на безбедносната состојба. Во исто време, властите во Косово најавија постепено пренесување на одговорноста врз косовската полиција и отворање на мостот за сообраќај.
Главниот мост на Ибар со години е едно од најчувствителните места во поделената Косовска Митровица. По војната во 1999 година, КФОР го обезбедуваше мостот со цел да се спречат можни судири меѓу српската и албанската заедница.
Вучиќ во писмото до Руте се повикал и на Бриселскиот договор од 2013 година, оценувајќи дека дел од актуелните проблеми би биле избегнати доколку Европската Унија и западните земји инсистирале на негово спроведување. Тој повторно го истакна барањето за формирање Заедница на српски општини.
Српскиот претседател најави дека Белград ќе продолжи со дипломатските активности пред меѓународните институции, вклучително и со можноста да побара посебна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на Косово.
„Теророт на Албин Курти и Приштина врз српското население мора да престане“, порача Вучиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата