Солунската обиколница вечерва ќе биде целосно затворена во правец кон запад, што ќе ги принуди возачите кои се враќаат од Халкидики и Солун кон Македонија да минуваат низ градските улици. Привремената забрана ќе важи од 23 часот до 5 часот изутрина поради изградбата на новиот автопат „Flyover“, на делницата меѓу клучката К10 кај Константинополитика и клучката К9 кај Тумба. Возилата кон запад ќе се исклучуваат кај К10 и ќе бидат пренасочувани по улиците Стагеирити, Григориу Ламбраки и Дијагора, по што повторно ќе се приклучуваат на обиколницата, што може да предизвика дополнителни задржувања на патот кон граничниот премин Богородица.
Сообраќајната полиција апелира до сите возачи да ја почитуваат привремената сигнализација, бидејќи пренасочувањето низ градското подрачје значително ќе го забави протокот на возила.
Затворањето го зафаќа само правецот кон запад, што ги погодува патниците кои се враќаат кон Македонија или патуваат кон западна Грција. Спротивниот правец, од источната страна кон аеродромот „Македонија“ и туристичките места на Халкидики, ќе функционира без прекини.
Градежните активности за новиот надземен автопат „Flyover“ во изминативе неколку месеци веќе предизвикаа серија ноќни блокади. Граѓаните и туристите кои планираат ноќно патување во овој шестчасовен интервал треба да предвидат дополнително време за минување низ Солун.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата