Унгарско семејство доживеало вистински кошмар само неколку часа по пристигнувањето на одмор во близина на Омиш, откако пожарот што беснеел во Далмација им го пресекол патот за евакуација. Двојката, нивното тригодишно дете и бабата биле опколени со чад и пламен, а во обид да се спасат побегнале кон морето. Од жештината им се запалил и автомобилот, а стаклото на возилото пукнало, додека семејството околу еден час чекало да биде извлечено на безбедно со глисер. Сето бегство го снимиле со камера.
Семејството со автомобил се обидувало да избега од Локва Рогозница. Пред нив имало колона, додека пламените јазици брзо се приближувале.
– Не, не, не можеме да поминеме оттука. Не, не, не! Ќе налетаат на нас – се слуша на драматичната снимка.
Ситуацијата станувала сè поопасна, а огнот се приближил до нивниот автомобил.
– Има оган околу нас. Сè уште има чад таму. Можеби и патот гори. Толку е жешко овде, не можеме повеќе да издржиме – велат туристите на снимката.
Од огромната топлина се запалил дел од автомобилот, а пукнало и едно од стаклата. Семејството се вратило кон Станиќи и побегнало кон морето. Таму чекале околу еден час, пред да пристигне глисер и да ги извлече.
Повеќе од 500 фотографии за 3Д-мапа на пожариштето
Истовремено продолжува истрагата за причината за катастрофалниот пожар, кој зафати 58 куќи и згради. Полицијата го заврши увидот на местото каде што избувнал огнот во Локва Рогозница.
Истражителите побарале и снимки од безбедносните камери на локалните жители. Пожариштето се снима и со дрон. Планирани се повеќе од 500 фотографии, од кои ќе биде изработена 3Д-мапа за стручниот увид.
Горан Ловиќ од Локва Рогозница вели дека полицијата ги презела неговите камери и разговарала со повеќе луѓе.
– Полицијата ги побара камерите, веднаш им ги дадовме. Не можевме да ги видиме бидејќи немаме струја или интернет. Полицијата ги конфискуваше тие камери. Ги испраша сите, мене, готвачот, сопругата и моите соседи. Се надевам дека причината ќе се најде – рече Ловиќ.
Мештаните се сомневаат дека некој намерно го запалил огнот
Дел од жителите се убедени дека пожарот не избувнал случајно. Полицијата и обвинителството, сепак, сè уште официјално не ја утврдиле причината.
Маријо Ловиќ тврди дека пожар и претходно избувнувал на истото место.
– Пожар веќе двапати избувнал на истото место и кој и да бил, бил намерен. Има премин долу каде што можат да се сокријат. Тоа е тажно. Пожарот започнал од тука, не нагоре – рече тој.
Горан Ловиќ ги нарекува околностите „чист тероризам“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата