Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави видео на социјалните мрежи во кое се гледа маж што му упатува закани по живот, порачувајќи дека снимката „ќе ја шокира јавноста“. И покрај заканите, Вучиќ изјави дека не се чуствува загрозено и дека е подготвен да му прости на човекот кој му се заканувал, оценувајќи дека бил жртва на манипулации и лажни информации.
Во видео објавено на Инстаграм, придружено со пораката „Ова видео ќе ве шокира“, Вучиќ сподели снимка од маж кој му упатува закани по живот.
Тој додаде дека верува оти човекот кој му се заканувал не е таков каков што се прикажал во видеото, туку дека подлегнал на манипулации и лажни информации од оние кои, според него, сакаат да ја поделат Србија.
„Саша Стевановиќ, кој живее во Белошевац кај Крагуевац, сигурен сум дека не е толку лош човек и дека не е криминалец каков што сакаше да се претстави. Убеден сум дека тоа што го кажа е резултат на манипулациите на оние кои сакаа да ја поделат Србија, кои ги поделија нашите семејства и кои преку своите мејнстрим медиуми и социјалните мрежи, со големи суми пари од странство, се обидоа да ја уништат нашата сакана татковина“, изјави претседателот на Србија.
Според Вучиќ, Саша Стевановиќ е само еден од луѓето кои потклекнале на, како што рече, нивните лаги и дезинформации.
„Не сум ниту обвинител ниту судија, и колку и да е одвратно да се слуша ова, ќе се обидам, во рамките на законските процедури, да му помогнам. Тоа можам да го направам не затоа што сум претседател, туку затоа што јас бев цел на ваква гнасна закана. Ќе кажам, а тоа сигурно ќе му помогне во постапката, дека не се чувствувам загрозено“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека не се чувствува загрозено бидејќи е уверен дека зад човекот кој му се заканува се крие, како што рече, „добар домаќин и Шумадиец, кого го заведоа страшни лаги и ужасни невистини“.
„Се радувам на помислата дека за шест месеци или една година нема да ми каже: „Извинете, претседателе“, туку: „Извини, Александре“, и дека ќе се радува на новата обиколница околу Крагуевац, како и на фактот дека „Стелантис“ во Крагуевац можеби е најуспешната фабрика на компанијата во светот. Успеавме да го постигнеме тоа и покрај огромниот скептицизам“, изјави Вучиќ.
Тој најави и дека наскоро ќе започне изградбата на Клиничкиот центар во Крагуевац.
„Секогаш сум подготвен, дури и на отворањето на обиколницата, да му подадам рака и лично да му простам за сè што кажал, бидејќи не сакам да ги делам семејствата, не сакам да ја делам Србија, туку сакам сите да бидеме обединети околу иста маса и околу љубовта кон татковината“, порача претседателот.
Во меѓувреме, припадници на српската полиција го уапсиле С. С. (55) од Крагуевац, под сомнение дека на социјалната мрежа Фејсбук објавил закани со смрт кон претседателот на Србија, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата