Полицијата во Босна и Херцеговина го уапси 31-годишниот полски државјанин кој е осомничен дека во текот на ноќта извршил серија вандалски напади во познатото католичко светилиште Меѓугорје. Според истрагата, тој го запалил надворешниот олтар на црквата „Свети Јаков“, ги оштетил киповите на Богородица и испишал навредливи пораки против Меѓугорје, Богородица и видениците.
Од Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон за Hercegovina.info потврдија дека на подрачјето на Западнохерцеговскиот кантон е уапсен маж кој се сомничи за вандалските дела извршени во текот на ноќта во Меѓугорје.
Според нивните информации, станува збор за 31-годишен полски државјанин. Мажот, роден во Варшава, бил уапсен во местото Церно, во близина на Љубушки, и моментално се наоѓа во полициски притвор.
Полицијата го сомничи дека во Меѓугорје, едно од најпознатите католички аџилачки места во светот, го осквернавил главниот кип на Богородица на Подбрдо, оштетил уште еден помал кип, го запалил надворешниот олтар на црквата „Свети Јаков“ и испишал пораки против Меѓугорје, Богородица и видениците на полски и англиски јазик.
Потсетуваме, рано утринава во полицијата било пријавено дека кипот на Богородица е оштетен со испишани различни пораки, а околу половина час подоцна била примена и пријава за пожар на надворешниот дел од олтарот на црквата „Свети Јаков“.
Снимен од безбедносните камери: Го полеал олтарот со запалива течност и го запалил
Безбедносните камери го снимиле моментот кога засега непознат маж го полева надворешниот олтар со течност, за која се претпоставува дека е бензин, а потоа го пали.
На кипот на Богородица, како и на уште неколку локации, со црна боја биле испишани навредливи пораки. Меѓу нив е и натписот на англиски јазик „Devil in a skirt“ („Ѓавол во здолниште“).
На едно од местата биле испишани и пораките „Davo u suknji“ (најверојатно сторителот сакал да напише „Đavo u suknji“ – „Ѓавол во здолниште“), „Меѓугорје е измама“ и „Само Исус“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата