Илијана Јотова и Кирил Валчев водат во трката за претседател на Бугарија со поддршка од 49,2 отсто меѓу избирачите што одлучиле да гласаат, наспроти 24,8 отсто за Андреј Ѓуров и Георги Кандев, покажува анкетата на „Сова Харис“, спроведена по нарачка на весникот „Труд“.
Според истражувањето, кандидатите за претседател и потпретседател на партијата Преродба, Костадин Костадинов и Петар Волгин, имаат поддршка од 9,5 отсто. Најавената излезност изнесува 38,1 отсто, што е за два процентни поени помалку од излезноста на претседателските избори во 2021 година.
„Сова Харис“ го спровела национално репрезентативното истражување од 13 до 17 октомври, меѓу 1.000 бугарски граѓани на возраст од 18 и повеќе години. Истражувачите спровеле стандардизирани интервјуа лице в лице, во домовите на испитаниците.
Централната изборна комисија (ЦИК) проценува дека 6.590.000 луѓе имаат право на глас на изборите за претседател и потпретседател на 25 октомври. Од нив, 46.001 бугарски граѓани станале полнолетни по претходните претседателски избори и првпат ќе гласаат за претседател, изјави портпаролката на ЦИК, Стојанка Балова-Цветкова, на брифинг за подготовките за изборите.
На четири дена пред гласањето, подготовките влегуваат во завршната фаза. Машинско гласање ќе биде овозможено на 9.373 избирачки места низ земјата, од кои 2.249 ќе бидат опремени со по две машини. За гласањето в недела се предвидени вкупно 11.622 машини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата