Како сцена од филм се одвивала драмата во кафуле во Елбасан, каде 52-годишен маж се обидел да застрела сограѓанин во глава, но пиштолот закочил во клучниот момент. Напаѓачот го повлекол чкрапецот, но оружјето не испукало, по што нападнатиот успеал да побегне и да се спаси. Целиот инцидент го снимиле безбедносните камери, а според наводите на албанските медиуми, зад нападот се крие крвна одмазда стара 15 години.
Инцидентот се случил околу 13 часот во кафулето „Арт Кофи Бистро“ во населбата „28 Нентори“(28 Ноември).
Според информациите на албанската полиција, осомничениот Поли Боричи седел во кафулето со сопругата. Кога 50-годишниот Ермир Кертези, познат и како Битоци, излегол на терасата за да разговара на телефон, Боричи тргнал по него.
Тој извадил пиштол од чантата и му го вперил во главата. Го повлекол чкрапецот, но оружјето закочило, пишуваат албанските медиуми.
Кертези веднаш му ја турнал раката и почнал да бега. Осомничениот накратко го бркал по улицата, а потоа побегнал.
Полицијата ја активирала акцијата „Реакција“ и по неколку часа го уапсила 52-годишниот Боричи. Кај него бил пронајден и пиштолот.
Според неговата верзија, зад обидот за убиство стои крвна одмазда. Тој тврдел дека Кертези пред 15 години тешко го ранил неговиот брат и го оставил неподвижен.
Кертези, пак, дал поинаква верзија во исказот. Тој тврди дека односите меѓу семејствата одамна биле нормализирани и дека со години живееле во исто маало без конфликти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата