Двоспратен автобус со 84 српски патници излетал од автопатот „Тракија“ во Бугарија рано утрово, во инцидент кој за среќа минал без повредени. Несреќата се случила околу 5 часот наутро, на 90-тиот километар од автопатот, додека автобусот се движел во правец кон Софија.
Бугарската полиција за Н1 изјави дека, од причини што допрва треба да се утврдат, автобусот ја пробил заштитната ограда и излетал во поле покрај патот.
-Автобусот ја проби заштитната ограда и заврши во поле покрај патот, но остана во исправена положба и не се преврте, наведоа од полицијата.
Сите патници безбедно излегле од возилото, по што со автобус биле превезени до блиска бензинска станица, каде што чекале да се организира понатамошен превоз.
Според медиумските извештаи, во автобусот се наоѓал голем број српски државјани, главно млади луѓе кои се враќале од летување во Кушадаси, Турција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата