Протестите во албанската престолнина продолжуваат и вечерва, на 15 октомври, а демонстрантите порачуваат дека нема да се повлечат сè додека премиерот Еди Рама не поднесе оставка. По целодневните судири со полицијата, употребата на солзавец и водени топови, студентите и граѓаните остануваат на улиците, незадоволни од високите трошоци за живот, корупцијата и состојбата со јавните услуги.
„Нема да си заминеме. Еди Рама мора да поднесе оставка. Нека фрла солзавец, нека пука и со ракети, нека ја изведе и војската, нема да му простиме“, изјавил еден од демонстрантите за албанската телевизија „Њуз24“, порачувајќи дека протестите ќе продолжат до заминувањето на премиерот.
Демонстрантите, кои од раните утрински часови протестираат против Владата, велат дека нивното незадоволство не е ограничено само на образованието, туку и на економските услови и начинот на управување со земјата.
Еден од учесниците посочил дека, и покрај долгогодишните ветувања, во населбата каде што живее сè уште нема непрекинато водоснабдување, ниту доволно градинки.
Тој се пожалил и на високите кирии, кои, според неговото тврдење, достигнуваат 700 евра месечно, споредувајќи ги тешкотиите на граѓаните со трошоците за патувањата на премиерот.
„Ништо не направи за овие 14 години. Ветуваше вода 24 часа, а ја нема. Живеам во населба во која нема градинка. Кириите се по 700 евра, а тој оди во Америка и спие за 15.000 евра од ноќ. Времето на Еди Рама заврши“, изјавил демонстрантот.
Тврдењата за трошоците на патувањата на премиерот се изнесени од учесник во протестите и не се независно потврдени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата