logo
logo
logo

Мицотакис со порака за Балканот и изборите: ПОДДРШКА ЗА ЕУ ИНТЕГРАЦИЈАТА, НЕМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

Vecer | 06.09.2026

Мицотакис со порака за Балканот и изборите: ПОДДРШКА ЗА ЕУ ИНТЕГРАЦИЈАТА, НЕМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Солун ја повтори поддршката на Атина за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија и Албанија, но нагласи дека напредокот на секоја земја ќе се оценува одделно. На традиционалната прес-конференција во рамки на Меѓународниот саем во Солун, Мицотакис категорично ги отфрли сценаријата за предвремени избори и порача дека во Грција парламентарните избори ќе се одржат напролет следната година, на крајот на актуелниот мандат. Тој говореше и за економијата и новите мерки за поддршка, надворешната политика и односите со Турција, како и за миграцијата и демографските предизвици.

– Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан. Но, ова не значи дека секој случај не е посебен. Напредокот на секоја земја кон Европа се оценува одделно. И, се разбира, зависи и од одлуката на сите европски земји кога ќе се отвори и кога ќе се затвори секое поглавје во преговорите со Европската Унија, објасни Мицотакис.

Посочи дека со Албанија сè уште постојат отворени прашања поврзани со националното грчко малцинство, а како што рече, Грција во соодветниот момент ќе ги оствари нејзините права, „така што ќе бидеме целосно сигурни дека правата на малцинството се заштитени, бидејќи ова не е билатерално прашање“, додека пак за ЕУ перспективата на нашата земја рече дека со оглед на тоа што „европските преговори не се започнати, таму сме сè уште во рана фаза во однос на она што се случува со Албанија“.

За односите со Турција потсети на потпишаната „Атинска декларација“ со која се отворија каналите на комуникација и за кои нагласи дека остануваат отворени, нешто што го коментираше позитивно, но и потсети дека со Анкара разговараат само за одредување на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран и „никогаш нема да влезе во разговори со Турција за прашања што самата Турција ги поставува, а кои за Грција воопшто не се прашања“.

Се осврна на добрата соработка во мигрантското прашање и намалените бранови на островите во Егејското море, како пример споменувајќи дека сега, островот Лезбос, наместо со мигранти е преплавен од турски туристи кои доаѓаат поради олеснетиот визен режим.

И за Крит, иако се соочува со мигрантски бранови од источна Либија, рече дека е преплавен од туристи, а не од мигранти, но сепак додаде дека постојат одредени предизвици во управувањето со ситуацијата.

За мигрантското прашање рече дека „ЕУ со помош на Грција ја промени стратегијата“, а акцентот треба да се стави на враќањата на нелегалните мигранти.

Една од актуелните теми во Грција во изминатиот период беше сценариото за можни предвремени избори, нешто што Мицотакис уште еднаш категорично го демантираше, објаснувајќи дека изборите ќе се одржат на пролет во 2027 година, односно на крајот на четиригодишниот мандат.

– Верувам во институционалната доследност, а изборните циклуси да се финализираат. Единствената причина некој да распише предвремени избори е ако смета дека тоа му одговара политички. Јас не размислувам така. Истото го зборувавте и во 2023 година, не го сторив тоа, а нема да го сторам ни сега. Изборите ќе се одржат на крајот на четиригодишниот мандат. Имаме многу работа пред нас, порача Мицотакис.

Го повтори и неговиот став дека најдобрата опција за земјата е еднопартиска Влада, а конкретно за следните избори потсети дека на 1 јули 2027 година Грција го презема претседателството со Европската Унија и затоа потребно е да има стабилна влада.

Сепак нагласи дека го почитуваат изборот на грчкиот народ и она што ќе го одлучи на следните избори.

– Да потсетам дека и пред изборите во 2023 година на ниту една анкета Нова демократија не доби над 35 – 36 проценти, а на изборите партијата освои 41 отсто. Целта да имаме апсолутно мнозинство за еднопартиска влада е остварлива и е единственото политичко решение за земјата да има стабилна влада, објасни Мицотакис со оглед на тоа што според анкетите, владејачката партија не добива доволно поддршка за формирање еднопартиска влада.

Во однос на мерките за поддршка во висина од 2,2 милијарди евра што ги соопшти синоќа на свеченото отворање на саемот, објасни дека се во рамките на фискалната стабилност на земјата, а тоа го дозволуваат „добрите економските резултати во последните години“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk