Милионска царинска измама со увоз на половни автомобили од Обединетото Кралство во Кипар се истражува од кипарските царински власти, а во шемата се споменуваат Бугарија и Холандија. Над 1.000 автомобили се проверени, откако било утврдено дека дел од возилата биле пријавувани со значително пониски вредности од реалните, со цел избегнување царински давачки и даноци.
Според информациите објавени од EUalive, повикувајќи се на кипарскиот весник „Политис“, истрагата опфаќа случаи во кои автомобилите добивале статус на стока од Европската Унија врз основа на лажирани или сомнителни податоци. Штетата од неплатени давачки се проценува на милиони евра, а во десетици, па и повеќе од сто случаи, биле пронајдени фалсификувани документи поврзани со плаќањето на царинските обврски.
„Зборуваме за цени по кои не би можеле ниту да купите велосипед“, објаснува тој, додавајќи дека луксузните седани и теренски возила биле декларирани само по една петтина или дури дваесеттина од нивната реална вредност. Според Константину, многу од автомобилите првично пристигнуваат во Холандија, каде што се царинат врз основа на екстремно ниските вредности декларирани во електронските системи. Потоа се транспортираат по копнен пат до Бугарија, каде што се регистрираат и добиваат документација од ЕУ пред да бидат испратени на Кипар како возила со потекло од земја-членка. Откако возилото веќе ќе се царини во Холандија или Бугарија, не може да се царини по втор пат на Кипар. Ова претставува главен предизвик за кипарските власти, бидејќи се чини дека потценувањето и избегнувањето данок се случуваат во првата земја-членка на ЕУ преку која возилото влегува во ЕУ.
Царинската управа, исто така, истражува дали пренасочувањето на автомобилите низ други земји-членки на ЕУ се користи за заобиколување на кипарското законодавство кое не дозволува увоз на половни автомобили постари од пет години од трети земји. Со регистрација на автомобилите во Бугарија, тие се претставуваат како возила од ЕУ, а не како директен увоз од Велика Британија. Од повеќе од 1.000 проверени автомобили, истражителите пронајдоа ненормално ниски декларирани вредности во речиси секој случај. Во неколку десетици случаи, инспекциите покажаа дека биле презентирани фалсификувани документи за да се создаде впечаток дека давачките веќе биле платени во друга земја-членка. Кипар соработува со властите во Холандија и Бугарија и ги достави доказите до надлежните европски институции. Се очекува Европското јавно обвинителство и OLAF да се приклучат на истрагата за тоа дали зад шемата стои организирана мрежа што работи во неколку земји.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата