Јужна и Средна Европа се под опсада на шестиот и најсилен топлотен бран оваа сезона, предизвикан од т.н. „топлотна купола“ — стабилен систем на висок воздушен притисок што го заробува и додатно го загрева воздухот над континентот.
Според прогнозите на Severe Weather Europe, од четврток до сабота температурите во котлините и речните долини на Балканот, Северна Италија, Источна Хрватска, Србија и БиХ ќе се искачат до рекордни 42 до 43 °C. Она што дополнително го исцрпува организмот се „тропските ноќи“ во кои температурата нема да се спушти под 22 до 26 °C, што претставува сериозен ризик за здравјето, особено кај постарите лица и хроничните болни.
Додека африканскиот пекол се шири кон Исток, Франција и Западна Европа во четврток ги чека сериозен термички шок. Судирот на студениот атлантски со жешкиот медитерански воздух ќе создаде опасни суперќелиски бури проследени со голем град, олуен ветер, па дури и појава на торнада. Освежувањето на Балканот ќе доцни, а африканските температури ќе се задржат сè до почетокот на септември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата