logo
logo
logo

ЧЕСТИТИКИ ОД ВРВОТ НА ЕУ: Јанез Јанша избран за премиер на Словенија

Vecer | 22.05.2026

ЧЕСТИТИКИ ОД ВРВОТ НА ЕУ: Јанез Јанша избран за премиер на Словенија

Словенечкиот парламент денеска го избра Јанез Јанша за нов премиер на земјата, доделувајќи му го четвртиот мандат на функцијата.

Агенцијата СТА јави дека 51 пратеник гласале „за“ Јанша, а 36 биле „против“, пренесе ДПА.

Јанша планира да формира малцинска влада со својата Словенечка демократска партија (СДС) и други десничарски партии, поддржана од надвор од „Ресница“ (Вистина).

Јанша го наследува лево-либералниот Роберт Голоб, кој беше на власт во изминатите четири години. Движењето „Слобода“ (ГС) на Голоб тесно победи на парламентарните избори оваа година пред СДС на Јанша, но веќе немаше мнозинство со своите претходни левичарски коалициски партнери.

Во обраќањето пред парламентот пред гласањето, Јанша изјави дека неговата влада ќе продолжи со децентрализацијата и кратењето на бирократијата, како и со борбата против корупцијата.

– Создаваме иднина во која на нашите потомци ќе им биде подобро отколку нам – рече тој.

„Честитки, драг Јанез Јанша, за изборот за претседател на словенечката влада“, напиша фон дер Лајен на мрежата X. Таа додаде дека се радува на соработка во решавањето на колективните предизвици, како што се зајакнувањето на безбедноста, економската отпорност и конкурентноста на глобално ниво.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, исто така напиша на мрежата X дека се радува на соработката со Јанша.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, му посака на Јанша се најдобро.

„Додека градиме побезбедна и посилна Европа, ќе продолжиме да обезбедуваме безбедност, просперитет и можности за жителите на Словенија и цела Европа“, напиша таа во објава на X.

Манфред Вебер, лидерот на политичката група на Европската народна партија (ЕПП), чиј член е и СДС, напиша на X дека Јанша е искусен и посветен на градење поуспешна и посилна Словенија.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ објави на X дека се радува на понатамошна тесна соработка меѓу Хрватска и Словенија, две пријателски земји кои се поврзани со силни политички, економски и социјални врски.

„Во време на многу европски и глобални предизвици, убеден сум дека ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето партнерство во рамките на Европската Унија и НАТО со колективно дејствување“, додаде тој.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар, исто така, му честиташе на Јанша за неговиот избор. „Вашето лидерство во Словенија е исклучително важно во овој тежок час, и затоа вашето искуство е итно потребно. Се радувам на соработка во решавањето на предизвиците и зајакнувањето на соработката и пријателството меѓу Словенија и Израел“, напиша тој на X.

Политичкиот сојузник на Јанша и поранешен унгарски премиер Виктор Орбан, исто така, честиташе.

„Упорноста на Јанша по тешката изборна кампања и тешките преговори отвори ново поглавје за Словенија и ја обнови надежта во стабилноста и здравиот разум Ви посакувам сила и успех во работата што ве очекува“.

Јанша (67) претходно владееше од 2004 до 2008 година, од 2012 до 2013 година и од 2020 до 2022 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk