logo
logo
logo

Интервју со Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет во Србија

„ОСУМ ДЕЦЕНИИ ТРАЕЊЕ, ДВЕ ДЕЦЕНИИ ИНСТИТУЦИОНАЛНА ГРИЖА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО СРБИЈА“

Vecer | 09.06.2026

„ОСУМ ДЕЦЕНИИ ТРАЕЊЕ, ДВЕ ДЕЦЕНИИ ИНСТИТУЦИОНАЛНА ГРИЖА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО СРБИЈА“

Со свечена академија во Нови Сад, во присуство на највисоки државни претставници на Србија и Македонија, Македонскиот национален совет во Србија го одбележа големиот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина.

Настанот, организиран од Македонскиот национален совет со поддршка на Владата на Република Македонија, претставуваше круна на повеќемесечната програма посветена на историјата, идентитетот и придонесот на македонската заедница во Србија.

По тој повод разговараме со претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, за значењето на јубилејот, достигнувањата на Советот во изминатите две децении и предизвиците што претстојат.

Госпоѓо Митровиќ, што претставува овој јубилеј за Македонците во Србија?

Осумдесет години од доселувањето на Македонците во Војводина претставуваат значаен историски и идентитетски јубилеј за нашата заедница. Тоа е можност да им оддадеме почит на генерациите кои по Втората светска војна дојдоа на овие простори, создадоа домови, семејства и иднина, а истовремено успеаја да го зачуваат македонскиот јазик, традицијата и чувството на припадност кон својот народ. Овој јубилеј не зборува само за минатото. Тој зборува и за сегашноста – за тоа како денес живее македонската заедница во Србија, колку е организирана и колку придонесува во општествениот и културниот живот на државата во која живее.

Свечената академија привлече големо внимание. Каква порака сакавте да испратите со овој настан?

Нашата намера беше да покажеме дека македонската заедница во Србија има длабоки корени, богато наследство и стабилни институции. Особено сме горди што на академијата присуствуваа премиерите на Србија и Македонија, претседателката на Покраинската влада, бројни министри од двете влади, амбасадори, претставници на локланите самоуправи, училиштата каде што се изучува македонскиот јазик, културните установи и многу други.

Тоа беше силна порака дека Македонците во Србија се мост на пријателство меѓу двете држави и заедница која е почитувана и препознаена како важен дел од мултикултурниот мозаик на Србија.

За нас особено значајни се и пораките што ги слушнавме од македонскиот премиер г-дин Мицкоски. Најавената поддршка не ја гледаме само како помош за реализација на проекти, туку како стратешка инвестиција во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу генерациите Македонци кои живеат надвор од границите на матичната држава.

Во таа насока, Македонскиот национален совет им додели Златни плакети на претседателите на владите на Република Србија и Република Македонија како признание за нивниот придонес во унапредувањето на положбата на македонската заедница и развојот на пријателските односи меѓу двете држави.

Особено сме горди и на иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, дело на вајарот Синиша Новески. Овој споменик, чија макета беше претставена во рамките на јубилејната програма, треба да стане трајно сведоштво за осумдецениското присуство на Македонците во Војводина и симбол на нивниот придонес во развојот на мултикултурното општество во Република Србија. Веруваме дека неговото поставување ќе претставува едно од најзначајните културни обележја на македонската заедница надвор од матичната држава.

Академијата беше организирана од Македонскиот национален совет. Колку е важна улогата на Советот денес?

Советот е највисокото претставничко тело на македонската национална заедница во Србија и неговата улога е од исклучително значење. Преку законски утврдените надлежности во областа на образованието, културата, информирањето и  службената употреба на јазикот и писмото, Советот е носител на институционалната грижа за зачувување на македонскиот идентитет, како институција на Владата на Република Србија. Во првите години, главната задача беше да се создадат темелите на институционалната заштита на македонската заедница. Тогаш се водеше борба за остварување на основните права – воведување на наставата на македонски јазик, обезбедување присуство на македонскиот јазик во медиумите, зачувување на културните друштва и воспоставување партнерски однос со државните институции. Денес ситуацијата е поинаква. Благодарение на работата на повеќе генерации членови на Советот, веќе не зборуваме само за заштита на правата, туку и за нивно унапредување. Од институција која пред дваесет години поставуваше темели, Советот прерасна во релевантен партнер на државните органи во креирањето политики кои се однесуваат на националните малцинства.

Нашата сегашна стратегија е насочена кон јакнење на институциите, работа со младите генерации и создавање одржливи програми кои ќе обезбедат долгорочен развој на заедницата. Посебен акцент ставаме на образованието, дигитализацијата на културното наследство, развојот на медиумските содржини на македонски јазик и поголемата видливост на македонската заедница во јавниот живот на Србија. Ако претходните две децении беа период на создавање и консолидирање на институциите, нашата визија за следниот период е нивно понатамошно јакнење и отворање простор за нова генерација Македонци во Србија, која со самодоверба ќе го негува својот идентитет и ќе биде активен дел од современото општество.

Кои се најзначајните резултати во областа на образованието?

Образованието е еден од најважните столбови на нашето делување, бидејќи преку него се обезбедува континуитетот на јазикот, културата и националниот идентитет кај младите генерации. Во изминатите две децении Македонскиот национален совет посветено работеше на воспоставување, развој и унапредување на наставата по македонски јазик со елементи на националната култура во Република Србија. Денес овој изборен предмет се реализира во 11 основни училишта во средините каде што живеат припадници на македонската заедница, а наставата ја посетуваат преку 350 ученици кои преку неа се запознаваат со македонскиот јазик, историја, традиција, книжевност и културно наследство.

Еден од најзначајните резултати е што успеавме да обезбедиме континуитет на наставата и да создадеме генерации млади луѓе кои го изучуваат и негуваат македонскиот јазик. Во тој процес Советот активно учествува во изработката и усогласувањето на наставните планови и програми, предлага наставни содржини и соработува со надлежните институции во Србија и Македонија во обезбедувањето на условите за реализација на наставата. Особено значајно е и прашањето на учебниците. Во изминатиот период беше вложен голем напор за обезбедување и превод на наставни материјали на македонски јазик, како и за нивно усогласување со образовниот систем на Република Србија. Со тоа учениците треба да добијат поквалитетни услови за изучување на мајчиниот јазик и националната култура.

Нашата стратегија денес оди чекор понатаму. Не се задоволуваме само со зачувување на постојното, туку работиме на проширување на мрежата на училишта, зголемување на бројот на ученици и воведување нови образовни програми кои ќе бидат привлечни за младите генерации.

Посебно сме горди што неодамна беше формирана Фондацијата „Македонски училишен центар во Србија“, која претставува нова и важна алка во развојот на образованието на македонски јазик. Целта на Фондацијата е дополнително да ги поддржи учениците, наставниците и образовните програми, да обезбеди нови проекти, стипендии, едукативни содржини и да придонесе кон создавање посилна институционална основа за идните генерации Македонци во Србија.

Покрај редовната настава, Советот преку Фондацијата почна да организира и ликовни, литературни и музички работилници наменети за деца и млади. Посебна вредност на овие програми е што нив ги осмислуваат и реализираат македонски уметници, писатели, музичари и културни работници кои живеат и создаваат во Србија. На тој начин младите не само што се запознаваат со македонскиот јазик и култура, туку имаат можност директно да учат од истакнати творци од сопствената заедница, развивајќи ги своите таленти, креативност и чувство на припадност кон македонското културно наследство.

Веруваме дека вложувањето во образованието е најсигурниот начин да го зачуваме нашиот идентитет, бидејќи секој ученик кој го учи македонскиот јазик претставува нова врска помеѓу нашето минато и нашата иднина.

Македонската заедница има и свои медиуми. Каква е состојбата во областа на информирањето?

Информирањето на мајчин јазик е еден од клучните столбови на националниот идентитет.Во оваа област значајна улога има Македонскиот информативен и издавачки центар, чиј основач е Советот. Преку неговата работа се создава медиумска содржина на македонски јазик, се следат активностите на заедницата, се известува за културните настани и се објавуваат книги и публикации од значење за Македонците во Србија. Центарот го издава месечното списание „Македонска виделина“, кое веќе со години претставува хроника на животот на македонската заедница во Србија, како и детското списание „Ѕуница“, наменето за најмладите читатели и учениците кои го изучуваат македонскиот јазик. Преку овие изданија се негуваат јазикот, литературата, историјата и културната меморија на нашата заедница.

Значаен сегмент претставува и телевизиското и радио-информирањето. Македонската редакција на Радио-телевизија Војводина со децении реализира програма на македонски јазик, а емисиите ,,Македонско сонце’’ ,,Муабетења’’ и радио емисијата ,,Македониум’’ имаат големо значење за информирањето на нашите сонародници и за афирмацијата на македонската култура во пошироката јавност.

Во последните години посебно внимание посветуваме и на дигиталните медиуми и социјалните мрежи, со цел содржините на македонски јазик да бидат подостапни за младите генерации. Денес информирањето не се одвива само преку традиционалните медиуми, туку и преку веб-платформи, видео содржини и дигитални архиви кои овозможуваат поголема видливост на македонската заедница во Србија.

Културата отсекогаш била препознатлив белег на Македонците во Србија. Колку е важна оваа област за Советот?

Културата е срцето на секоја заедница. Во изминатите две децении Советот создаде стабилна мрежа на институции, организации и програми кои придонесуваат за зачувување и афирмација на македонската култура. Денес во Србија дејствуваат повеќе од дваесет здруженија и организации кои активно работат на негување на македонскиот јазик, традиција, фолклор, литература и современо творештво.

Особено сме горди што во нашата заедница постојат и струковни организации, како што се Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија – ДЛУМС, Центарот за зачувување и промоција на македонската традиција и посебност „Тоше Проески“, Културно-уметничкото друштво „Васил Хаџиманов“, како и бројни други организации кои преку својата работа ја збогатуваат културната сцена и ја афирмираат македонската култура во Србија.

Советот континуирано ги поддржува нивните активности и настојува да создава услови за нивен понатамошен развој, бидејќи токму тие организации се најдиректната врска помеѓу институциите и граѓаните.

Особено внимание посветуваме и на библиотечната дејност. Македонскиот национален совет располага со централна библиотека со богат фонд на книги на македонски јазик, а започнавме и иницијатива за отворање на „македонски катчиња“ во градските библиотеки низ Србија, во средините каде што живее македонската заедница. На тој начин македонската литература станува подостапна не само за нашите сонародници, туку и за сите заинтересирани читатели.

Значаен сегмент од нашето дејствување се и манифестациите од посебен значај за македонската национална заедница во Србија, кои Советот ги поддржува и координира како дел од својата културна политика. Меѓу нив се традиционалните Денови на македонската култура во Нови Сад, Белград и Ниш, фестивалите ,,Собир на гајдаџии’’ во Качарево, ,,Гравче на тавче’’ во Јабука, како и бројни книжевни, музички, фолклорни и научни собири што се организираат во текот на годината.

Значајно место во нашата културна политика имаат и сопствените продукциски проекти. Во изминатиот период беше реализирана првата професионална двојазична македонско-српска театарска претстава „Ветер во тапетите“, која на еден современ начин ги отвори прашањата на идентитетот, припадноста и културната меморија. Исто така, продуциран е и документарен филм ,,Плодовите на еден даб’’ посветен на 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина, кој претставува траен аудиовизуелен запис за историјата и животот на нашата заедница.

Соработката со Македонскиот културно-информативен центар во Белград претставува пример како институциите на Република Македонија и институциите на македонската заедница во Србија можат заеднички да придонесуваат за афирмација на македонската култура и јазик надвор од матичната држава. Дел од содржините кои премиерно се претставуваат во КИЦот во Белград, со поддршка на Советот и локалните здруженија, подоцна се реализираат и во други градови низ Србија каде што живее македонската заедница. На тој начин македонската култура станува подостапна за нашите сонародници надвор од главниот град.

Посебно место во оваа година зазема и одбележувањето на 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, кое преку низа културни програми, изложби, трибини, концерти и свечената академија во Нови Сад прерасна во еден од најзначајните настани во поновата историја на македонската заедница во Србија.

Што би издвоиле како најголем успех на Советот во изминатите дваесет години?

Пред дваесет години многу активности се темелеа пред сè на ентузијазмот на поединци и здруженија. Денес македонската заедница има свој Национален совет, свои установи, медиуми, образовни програми, библиотечни фондови, културни манифестации и развиена мрежа на организации кои делуваат низ целата држава. Тоа е резултат на долгогодишна работа, посветеност и соработка на многу луѓе кои во различни периоди биле дел од Советот и од македонската заедница.

Особено е важно што успеавме да создадеме континуитет. Институциите што ги изградивме денес не работат само за сегашната генерација, туку создаваат основа за идните генерации Македонци во Србија. Кога едно дете денес го изучува македонскиот јазик во училиште, чита списание на македонски јазик, посетува културна манифестација или настапува во некое од нашите здруженија, тоа е резултат на систем кој се градел со години.

За мене голем успех е и тоа што Македонците во Србија денес се препознаени како организирана и активна заедница, која има свои легитимни претставници и институции и која е почитуван партнер на државните органи, локалните самоуправи и институциите во Република Македонија.

Секако, секогаш може повеќе и подобро. Но, кога ќе погледнеме од каде сме тргнале и каде сме денес, можеме со право да кажеме дека во изминатите две децении се создадени темели врз кои може сигурно да се гради иднината на македонската заедница во Србија.

На крајот, најголемиот успех не се ниту проектите, ниту програмите. Најголемиот успех е што и по осум децении од доселувањето во Војводина и по дваесет години од формирањето на Националниот совет, младите Македонци во Србија се уште имаат можност да го учат својот јазик, да ја запознаваат својата култура и со гордост да го чуваат својот идентитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk