Млада девојка загина, уште 17 патници се повредени во тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 13 часот кај местото Липци во Црна Гора. Според информациите на регионалните медиуми, минисбусот со кој група верници од Србија се враќале од посета на манастирот во Острог, удрил во камена карпа покрај патот и се превртел.
Од 17-тте повредени патници шест се деца, пренесува српски „Блиц“.

Повредените се пренесени во болницата „Васо Ќуковиќ“ во Рисан, каде 14 лица се задржани на лекување. Петмина се на интензивна нега, а останатите се лекуваат од сериозни повреди.
Директорот на болницата информира дека станува збор за државјани на Србија кои престојувале во колективен сместувачки капацитет во областа Бока и кои биле на молитвено патување во манастирот Острог. Несреќата се случила при нивното враќање од посетата на светилиштето.
Едно од повредените деца било реанимирано по приемот во болница и е пренесено во Клиничкиот центар во Подгорица за понатамошно лекување. Лекарите соопштија дека едно дете се уште е во тешка состојба, додека останатите се со полесни повреди.
Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата за причините за несреќата. Првичните информации укажуваат дека 68 годишниот возач заспал на воланот, но сите околности допрва треба да бидат утврдени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата