Несовесно сообраќајно невнимание на пијан возач предизвика апокалиптична еколошка катастрофа во Грција, откако огромен токсичен облак од чад го прекри Солун и се прошири преку цела Атика сè до Пелопонез. Огнената стихија избувна во солунското предградие Ореокастро кога 76-годишен маж, управувајќи автомобил под силно дејство на алкохол, со своето возило предизвикал серија искри на патот кои веднаш го запалиле сувиот шумски појас.
Огнот експресно се префрлил во индустриската зона, каде што целосно проголта две големи фабрики за текстил и за рециклирање. Согорувањето на огромни количини пластика и вештачки материјали фрли густ, опасен црн смог над солунската метропола со над еден милион жители, а неподносливиот мирис се чувствува дури и на централниот плоштад Аристотелус. Државниот систем за итни случаи 112 веднаш нареди итна евакуација на жителите од населбите Антуполис и Филотеј, кои привремено се сместени во спортски сали, додека пијаниот возач е уапсен и веќе се соочува со сериозни кривични пријави.

Драматичната битка со огнената стихија и серијата внатрешни експлозии во фабриката за рециклирање ја водат повеќе од 160 пожарникари со 52 возила, помогнати од воената единица за катастрофи „Девкалион“ и противпожарни авиони кои координирано полнат вода од заливот Термаикос. Во ноќниот пекол веќе се повредени четворица пожарникари кои поради респираторни проблеми и ортопедски повреди итно се пренесени во Воената болница во Солун.

Поради силните воздушни струења, отровниот индустриски смог проби стотици километри на југ, кревајќи ја на нозе цивилната заштита на Пелопонез. Иако таму засега нема наредба за евакуација, издадено е итно црвено предупредување со кое се повикуваат децата, хронично болните и ранливите групи граѓани експресно да ги затворат прозорците и воопшто да не излегуваат на отворено, додека еколошките станици вршат деноноќен мониторинг на аерозагадувањето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата