Српската криминалистичка полиција изведе успешна акција против шверцот со дрога во близина на Бачка Паланка, запленувајќи околу 20 килограми високвалитетен кокаин кај челаревската плажа.
Дрогата со моторен чамец по реката Дунав ја транспортирале две засега непознати лица по кои полицијата интензивно трага. Бидејќи заплената е извршена во близина на граничниот појас, истрагата се сомнева дека станува збор за меѓународна шверцерска рута.
Првичните проценки на Службата за борба против дрога покажуваат дека чистата вредност на кокаинот изнесува околу еден милион евра.
Сепак, српските медиуми пренесуваат дека во малопродажба, по мешањето за зголемување на масата, вредноста на оваа пратка на уличниот пазар би достигнала вртоглави пет милиони евра.
Оваа успешна акција доаѓа само еден месец по друга голема полициска операција во Нови Сад, каде при крајот на април беа запленети 17 килограми кокаин и уапсени три лица.
Новиот случај повторно го отвора алармот кај безбедносните служби на Балканот. Меѓународниот воден коридор на Дунав сè почесто се користи за прикриен и илегален транспорт, додека речните плажи и изолираните брегови стануваат клучни точки за претовар на пратките.
Полицијата сè уште ја води истрагата во строга тајност и се утврдува дали кокаинот бил наменет за пазарот во Србија или регионот, или пак Србија била само транзитна станица кон Западна Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата