Раиф Диздаревиќ, поранешен претседател на Претседателството на СФРЈ, истакнат босанскохерцеговски и југословенски дипломат, политичар и учесник во Народноослободителната борба, почина утрово во седум часот во Сараево.
Роден на 9 декември 1926 година во Фојница, Диздаревиќ во рана возраст се приклучил на Народноослободителното движење. На седумнаесетгодишна возраст им се приклучил на партизаните во 1943 година, каде што активно се борел против фашистичките окупатори. Антифашизмот и борбата за рамноправност на народите во Босна и Херцеговина останаа основен столб на целиот негов живот и политичко делување, пишува „Кликс“.
По завршувањето на Втората светска војна и школувањето на Високата дипломатска школа во Москва, Диздаревиќ го посветил својот живот на дипломатијата и државните работи. За време на богатата дипломатска служба вршел должности во амбасадите на СФРЈ во Бугарија, Советскиот Сојуз и Чехословачка, стекнувајќи огромно искуство во годините на Студената војна и сложените геополитички превирања.
Политичкиот подем на Раиф Диздаревиќ во Босна и Херцеговина кулминираше со неговиот мандат како претседател на Претседателството на СР БиХ од 1978 до 1982 година. Неговата работа во тој период беше насочена кон економскиот и инфраструктурниот развој на СР БиХ, како и кон зајакнување на нејзината рамноправна положба во рамките на југословенската федерација.
По работата на републичко ниво, Диздаревиќ ги презеде највисоките државни функции на сојузно ниво. Прво, од 1982 до 1984 година, ја вршеше должноста претседател на Собранието на СФРЈ, пред да ја преземе должноста сојузен секретар за надворешни работи (1984 – 1988), каде што ја претставуваше Југославија на меѓународната сцена и одржуваше блиски врски со Движењето на неврзаните.
Својата политичка кариера ја круниса станувајќи шеф на државата како претседател на Претседателството на СФРЈ од мај 1988 до мај 1989 година, водејќи ја земјата во исклучително турбулентен период одбележан со длабока економска криза и раст на национализмот, што набрзо доведе до распад на федерацијата.
По пензионирањето и почетокот на агресијата врз Босна и Херцеговина, Диздаревиќ остана во опколеното Сараево, делејќи ја судбината на своите сограѓани. Своето богато политичко искуство и увид во позадината на клучните историски настани ги преточи во неколку влијателни книги.
Меѓу нив се издвојува делото „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“, во кое детално ги анализираше внатрешните механизми на политичката криза, растот на националистичките движења и сломот на југословенскиот проект. Исто така, тој е автор и на книгата „Време за помнење“, како и на бројни мемоари кои денес служат како вреден извор за историчарите и истражувачите.
Раиф Диздаревиќ потекнува од угледно семејство од Фојница кое даде значаен придонес во општествениот, научниот и политичкиот живот на Босна и Херцеговина. Неговите браќа Нијаз и Фаик исто така беа истакнати општествено-политички работници и дипломати, додека негов роднина беше познатиот босански поет Мак Диздар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата