Патнички брод со 238 лица заглави на Дунав откако поради екстремно нискиот водостој се насука во близина на романскиот град Салција. Бугарската гранична полиција евкауирала 186 патници од крузерот „Викинг Улур“ , кој пловел под швајцарско знаме, додека 52 членови на екипажот останале на бродот, објави Digi24.ro.

Евакуација на патници
Информациите за евакуацијата ги објави бугарското Министерство за внатрешни работи, како што јави агенцијата АФП. Бродот требало да се закотви во пристаништето Видин за снабдување, а на бродот почнало да му снемува вода за пиење.
Бродскиот агент ангажирал друг брод за да ги собере патниците, но не успеал да се приближи доволно до заглавениот крузер. Снимките објавени од бугарската полиција покажуваат патници во елеци за спасување на кои спасувачите им помагаат да се качат на патролен чамец на граничната полиција.

Неуспешни обиди
Бродот исплови од градот Дробета-Турну Северин во понеделник вечерта, со насока кон Видин, Бугарија. За време на патувањето, се блокираше во област со бројни песочни насипи.
Нивото на реката е екстремно ниско, а протокот на Дунав е околу 1.600 кубни метри во секунда, поради што бродот не можел да го продолжи своето патување.
Во текот на вечерта и во вторник наутро, беа направени неколку обиди за ослободување на бродот, но безуспешно. Претставниците на пристанишната власт известија дека шансите бродот наскоро да биде деблокиран се мали.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата