Европската Унија се подготвува за досега најрадикалната реформа на својата политика за проширување, со цел да го откочи процесот за Западен Балкан, но и да се заштити од внатрешни демократски назадувања. Се очекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 30 септември официјално да го презентира клучниот стратешки документ пред Колегиумот на комесари, по што веднаш ќе замине на тридневна интензивна дипломатска турнеја низ регионот, вклучувајќи го и Скопје.
Документот насловен „Реформи пред проширувањето и прегледи на политиките“ содржи револуционерни предлози кои директно ја допираат Македонија и нејзината повеќегодишна борба со билатералните блокади.
Крај за „балканизацијата“ на европските вета?
Најважната точка во новата стратегија на Фон дер Лајен е предлогот за воведување на гласање со квалификувано мнозинство за меѓучекорите во преговорите. Тоа значи дека за отворање и затворање на поглавјата и кластерите повеќе нема да биде потребен консензус од сите земји-членки. Едногласноста би останала задолжителна само за последната фаза – финалниот прием на нова држава во Унијата.
Оваа измена има за цел да стави крај на практиката во која поединечни земји-членки, како Бугарија во случајот со Македонија, го користат правото на вето за решавање на историски и билатерални спорови. Евроамбасадорот Михалис Рокас веќе најави дека оваа стратегија ќе донесе многу појасен и попредвидлив пат за Скопје.
Европската комисија се очекува да го напушта концептот „сè или ништо“. Новиот модел предвидува фазна инклузија, односно земјите-кандидати кои успешно ги спроведуваат реформите ќе добијат пристап до единствениот пазар на ЕУ и до значајни буџетски фондови уште перед формално да станат членки.
Сепак, правилата доаѓаат со строг заштитен механизам. Доколку некоја земја по приемот покаже регрес во владеењето на правото, ЕУ ќе активира клаузули за „Тројански коњи“ – со кои брзо ќе се укинуваат фондовите или ќе се суспендира правото на глас на новата членка.
Веднаш по објавувањето на документот, од 30 септември до 2 октомври, Фон дер Лајен лично ќе ги посети Скопје, Тирана, Приштина и Подгорица. Србија и Босна и Херцеговина не се опфатени со оваа посета поради изборите во двете земји, но од Брисел најавуваат дека Фон дер Лајен ќе ги посети во наредниот период.
– Како што изјави претседателката на Самитот ЕУ-Западен Балкан овој јуни, нашата Унија нема да биде целосна без Западен Балкан. Затоа, во своите разговори, таа ќе се фокусира на претстојните чекори на европскиот пат на нашите партнери и на тековниот напредок во постепената интеграција, поддржана од нашиот План за раст за Западен Балкан – изјави портпаролката на Европската комисија, Ариана Подеста.
Европскиот амбасадор во Скопје, Михалис Рокас, веќе ја оцени посетата како „одлучувачки чекор“ кон отворањето на пристапните преговори, потврдувајќи дека зад сцената интензивно се работи на придвижување на процесот.
– Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа, паралелно работиме и на тој процес – рече Рокас.
Осврнувајќи се на земјава, Рокас оцени дека покажала капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието и донесувањето на повеќе закони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата