Европската комисија на 6 октомври ќе изнесе пакет дополнителни идеи за тоа како да се прошири постепената интеграција на земјите од Западниот Балкан, нагласувајќи дека концептот „повеќе Европа пред членство“ претставува силна поддршка, но не и замена за полноправното членство во Европската Унија. Ова го порача европската комесарка за проширување, Марта Кос, на состанокот на министрите за надворешни работи што се одржува во рамките на Берлинскиот процес во Црна Гора.
Отварајќи го собирот под наслов „Западниот Балкан во Европа која се менува“, Кос истакна дека актуелниот геополитички контекст го прави проширувањето суштински безбедносен и стратешки императив за целата Унија.
Посочувајќи на конкретните резултати на терен, Кос ја пофали Црна Гора која веќе затвори 18 преговарачки поглавја и се наоѓа во самата завршница, како и Албанија која бележи импресивен напредок. Таа нагласи дека 2026 година веќе се запишува како рекордна, бидејќи за само девет месеци се отворени или затворени повеќе поглавја отколку во која било претходна година во последните две децении и половина.
– Геополитиката одредува зошто проширувањето е важно и колку итно мораме да дејствуваме, но процесот останува цврсто заснован врз заслуги. Живееме во свет на жестока геостратешка конкуренција каде што интеграцијата во ЕУ значи преземање контрола врз сопствената судбина, порача Кос.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата