Македонска државјанка е уапсена во Црна Гора откако било пријавено дека со автомобил прегазила куче во населба во Улцињ, а потоа се обидела да ја напушти земјата, пренесуваат црногорските медиуми.
Според неофицијални информации, жената по инцидентот се упатила кон граница, но полицијата успеала да ја спречи и да ја приведе.
Од Полициската управа на Црна Гора информирале дека околу 16 часот добиле пријава дека едно лице со возило прегазило куче кое било во сопственост на граѓанин.
Полициските службеници од Улцињ брзо го пронашле возилото и го идентификувале лицето кое управувало со него – државјанка на Македонија, која била спроведена во просториите на Одделението за безбедност во Улцињ.
Според полицијата, жената се обидела да ја напушти Црна Гора, но била спречена. За случајот е известено Основното државно обвинителство, кое треба да се произнесе за понатамошната постапка.
По инцидентот, на социјалните мрежи беше објавено видео на кое, според објавите, се гледа како автомобил прегазува шарпланинско куче, додека зад возилото се наоѓа уште едно мртво куче.
Според неофицијални информации, станува збор за куче на жената која е уапсена, кое претходно било нападнато и усмртено од шарпланинецот.
Невладината организација „Пријатели на животните“ побара итна реакција од надлежните институции и сторителот да биде гонет согласно Законот за благосостојба и заштита на животните.
„Без разлика дали сторителите на вакви и слични кривични дела против животните се државјани на Црна Гора или странски државјани, сите мора да сносат еднаква одговорност за стореното неправо“, порачаа од организацијата.
Оттаму додаваат дека очекуваат институциите професионално да ја завршат постапката и сторителот да ја добие соодветната казна.
Вознемирувачкото видео можете да го погледнете тука.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата