Бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека ќе побара оставка од началникот на Националната служба за обезбедување (НСО), генерал-мајор Емил Тонев, по инцидентот во кој новинарката Соња Колтуклиева беше турната од припадник на обезбедувањето додека се обидувала да постави прашање на претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова.
Како што пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ), Јотова соопштила дека во НСО е започната проверка и дека очекува извештај од раководството на службата за сите околности под кои се случил инцидентот. Таа посочила дека веќе забележува пропусти и очекува да биде утврдена одговорноста.
Началникот на НСО, Емил Тонев, изразил подготвеност да поднесе оставка. Тој потврдил дека е во тек службена проверка, а дел од припадниците на обезбедувањето ќе бидат отстранети од работа до нејзиното завршување. Доколку се утврдат прекршувања, најавени се дисциплински мерки.
Инцидентот се случил кога новинарката Соња Колтуклиева се обидела да добие одговор од претседателката на Собранието за седниците на кои требало да се разгледуваат околностите околу помилувањето на Огњан Атанасов, познат како „Петричкиот Ескобар“.
Според сведочењето на Колтуклиева, претседателката на парламентот не одговорила на прашањето и влегла во службениот автомобил, по што новинарката ја отворила вратата и продолжила да прашува. Потоа припадник на обезбедувањето ја турнал, при што паднала на тротоарот.
„Следното на што се сеќавам е дека лежев на земја, ме болеше главата, ми се повраќаше и имав силни болки во рамото. Се обидуваат мене да ме прикажат како виновна, а јас сум жртвата“, изјавила Колтуклиева по распитот во Обвинителството.
Таа соопштила дека за случајот е отворена преткривична постапка. По инцидентот била пренесена во Воено-медицинската академија во Софија, а потоа продолжила со лекување во болницата „Света Софија“. Според доставените информации, кај неа биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои и исчашено рамо, додека постои сомневање за потрес на мозокот.
Претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, изразила длабоко жалење за случувањето, оценувајќи дека вакви инциденти се недозволиви. Таа истакнала дека ја почитува новинарската професија, без оглед на ставовите на новинарите, и дека сакала лично да разговара со Колтуклиева и да ѝ се извини.
Сепак, Доцова нагласила дека припадниците на НСО постапуваат според сопствени безбедносни протоколи и дека таа не може да им дава наредби како да постапуваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата