Црна Гора се подготвува за еден од најрадикалните зафати во пензиското финансирање во Европа – целосно укинување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и преминување кон финансирање на пензиите од општите приходи на државата.
Владата предлага од јануари преостанатиот придонес за ПИО од 10% да се намали на нула. Ова е продолжение на програмата „Европа сега 2“, со која претходно веќе беше намален придонесот на работниците и целосно укинат оној на работодавачите. Парите што досега се одвојуваа од бруто-платата за пензиско ќе останат во нето-платата, додека државата пензиите ќе ги обезбедува преку ДДВ, данокот на доход, акцизите и други буџетски приходи.
Дали државата веќе ги покрива пензиите?
Црна Гора во голема мера веќе ги плаќа пензиите од буџетот. Во 2025 година од придонеси биле собрани околу 353 милиони евра, додека за пензии биле исплатени околу 796 милиони евра. Тоа значи дека придонесите покривале само 44,3% од трошоците, а остатокот морал да се обезбеди од други приходи. Новата реформа само го доведува до крај овој процес.
Главната предност на овој потег е силното намалување на даночното оптоварување на трудот, што треба да ја зголеми формалната вработеност, да ги крене платите и да ја намали исплатата на плати „на рака“.
Ризици и фискални предизвици
Сепак, трошокот за пензиите не исчезнува. Пензиите сега ќе конкурираат за истиот буџетски денар со здравството, образованието и инфраструктурата. Претходните анализи и стрес-сценарија на ММФ предупредуваа дека ваквите зафати можат значајно да го зголемат буџетскиот дефицит и јавниот долг доколку економијата и даночната база не пораснат доволно за да ја надоместат разликата.
Иако слични модели (како во Нов Зеланд) постојат, целосното укинување на придонесите со ваков обем останува уникатен експеримент во Европа. Црна Гора станува интересен тест за прашањето дали јавниот пензиски систем може да опстане без директна врска со придонесите од платите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата