Командирот на Службата за заштита и спасување во Херцег Нови, Златко Ќировиќ, изјави дека во еден момент биле загрозени околу 50 куќи, но дека во моментов сите објекти се безбедни.
„Примарно го ставивме акцентот на спасување на куќите и засега тоа ни поодува од рака“, истакна Ќировиќ за Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).
Пожарникарите, ловците и граѓаните ги бранат домовите
Ќировиќ наведе дека покрај противпожарните екипи од Херцег Нови, во гаснењето се ангажирани и екипи од Будва, Цетиње, Котор, Тиват, Никшиќ и Требиње, како и голем број доброволци, ловци и комунални служби.
Населените места Бијела и Баошиќи останаа без електрична енергија и вода, а сите екипи се постојано на терен.
„Засега сите куќи се спасени и ниту една не е непосредно загрозена. Од Управата за полиција помогнаа така што ги евакуираа станарите од дел од објектите, што е добро за да немаме попречување за време на гаснењето“, додаде Ќировиќ.
Тој посочи дека има доволно вода за гаснење, обезбедени се цистерни од градските претпријатија „Чистоќа“ и „Водовод“, а користени се и хидрантите во близина на пожарот. Дополнителна поддршка од воздух даваат и авионите на Министерството за внатрешни работи.
Максимална приправност на полицијата и регионална помош
Началникот на Одделението за безбедност во Херцег Нови, Миодраг Кнежевиќ, потврди дека комплетниот состав на полицијата е ставен во функција уште од моментот на пријавување на пожарот, со поддршка од службеници од Регионалниот центар „Југ“, кои покриваат од Улцињ до Котор и Тиват.
Од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопштија дека се мобилизирани сите расположливи возила и целото људство на службата за локализирање и ликвидирање на огнот.
Градоначалникот на Требиње, Мирко Ќуриќ, потврди дека помош за Херцег Нови од нивна страна е испратена веднаш по добивањето информации за сериозноста на ситуацијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата