Состојбата со пожарот на Халкидики синоќа била подобрена, а по морски пат било евакуирано 481 лице, информира директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис.
Огнената стихија зад себе остави изгорена шумска површина, зафати и домови и возила, полесно се повредени двајца пожарникари, додека гаснењето продолжи и во текот на ноќта.
Противпожарните сили биле дополнително зајакнати и интервенирале 227 пожарникари со 13 пешадиски тима и 57 возила, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои се наоѓаат во Грција во рамките на програмата преку европскиот механизам за цивилна заштита.

Сè до заоѓањето на сонцето од воздух се гаснело со девет авиони и со седум хеликоптери.
Со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради, вкупно 481 лице, туристи и жители успешно, по морски пат биле евакуирани од Сивири.
Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 285 лица од плажата во Сивири биле безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица со траектот „Спидранер“ што сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос до Солун се префрлени во Солун.
Сивири е целосно евакуирано, а според информациите на МИА не е дозволено никој да се врати во градот. Во прекин е сообраќајот во поширокиот регион.
Пожарот избувна околу 14 часот по локално време и брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени четири пораки до оние кои се во поширокиот регион, а три беа за евакуација на Сивири и Фурка.
Оние кои не го напуштиле Сивири по копнен пат, биле евакуирани од плажа, земајќи ги со себе само основните неопходни работи.
Акцијата за евакуација ја воделе крајбрежната и противпожарната служба на Грција и ангажирани биле патролни бродови, чамци од двете служби, најмалку девет приватни чамци, а во Сивири, превентивно останале неколку патролни бродови, исто како и на плажата во Фурка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата