logo
logo
logo

Тројно убиство во Црна Гора: РУСКИ ДРЖАВЈАНИН УСМРТИ ТРИ ЛИЦА ВО ДАНИЛОВГРАД, ПА СИ ПРЕСУДИ ПО 12-ЧАСОВНА ДРАМА

Vecer | 01.09.2026

Тројно убиство во Црна Гора: РУСКИ ДРЖАВЈАНИН УСМРТИ ТРИ ЛИЦА ВО ДАНИЛОВГРАД, ПА СИ ПРЕСУДИ ПО 12-ЧАСОВНА ДРАМА

Нешто пред 4 часот утринава заврши повеќечасовната драма што се одвиваше по тројното убиство во Даниловград, Црна Гора.

Сè започна во понеделникот, нешто по 16 часот, кога на стрелиштето „Чешка збројовка“ беа пронајдени безживотните тела на Петар Глобаревиќ (24) од Подгорица, Момир Радоњиќ (67) од Даниловград и Немања Капор (20) од Подгорица, кои работеле на стрелиштето. Ќе се испостави дека ги убил рускиот државјанин Михаил Николајевич Шабуњин (30), кој со денови доаѓал на стрелиштето.

Според наводите на „Вијести“, убиецот најпрво, нешто пред 17 часот, на терените за гаѓање испукал повеќе истрели во инструкторот на стрелиштето – Глобаревиќ, а потоа му пукал во главата. Веднаш потоа се вратил во делот предвиден за изнајмување оружје и го усмртил Радоњиќ, а потоа и најмладата жртва – Капор. Во сите тројца испукал повеќе проектили!

Според истите информации, крвавиот пир на триесетгодишниот убиец го преживеал сопственикот на стрелиштето, кој спиел во една од просториите.

Со такси бегал во друг град

По крвавиот пир, убиецот наводно украл неколку парчиња оружје и муниција, па избегал со возило на еден од убиените, а потоа и со такси, сè до Херцег Нови.

Следуваше драматична, речиси 12-часовна потрага по осомничениот.

За време на потерата, полицијата апелираше до граѓаните да останат во своите домови и да не излегуваат бидејќи напаѓачот е опасен и вооружен. Во сите медиуми во регионот кружеше фотографија од осомничениот за бруталното тројно убиство.

Додека траеше потрагата, беа блокирани граничните премини, цели градови и аеродроми.

Автомобилот на еден од убиените, црн „сеат“, беше пронајден во Рогами, од каде што се верува дека убиецот фатил такси и тргнал да бега во правец на Херцег Нови.

На крајот беше пронајден во шумата над населбата Топла во Херцег Нови. Кога полицијата го опколила, тој најпрво отворил оган врз полицајците, а кога сфатил дека нема каде, си пресудил самиот испукувајќи си истрел во главата. Околу 4 часот утринава пристигна потврда од МВР дека опасниот напаѓач е мртов.

„Денеска околу 03:35 часот по полноќ, службеници од Специјалната единица на полицијата, Посебната единица на полицијата, Регионалниот центар за безбедност ‚Југ‘ и Секторот за гранична полиција, со употреба на специјализирана опрема и хеликоптер на Армијата на Црна Гора, во шумата над населбата Топла во Херцег Нови ја лоцираа и ја изолираа активната закана – осомничениот троен убиец Михаил Николајевич Шабуњин (30), државјанин на Руската Федерација. Откако осомничениот бил опколен и се нашле во безизлезна ситуација, отворил оган во правец на полициските службеници, а потоа извршил самоубиство со употреба на огнено оружје“, се наведува во соопштението на полицијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk