Крвава балканска расправија со фатален крај среде Виена ја згрози австриската јавност. Она што требало да биде обична вечерна забава и дружење, за неколку моменти се претворило во вистински хорор кога старите политички страсти за крвавиот распад на Југославија повторно се разгореле меѓу гостите. Под дејство на големо количество алкохол, дебатата за војната ескалирала во брутално убиство – 57-годишен Хрват ладнокрвно зарил кујнски нож во грбот на својот пријател од Србија, прободувајќи го директно во срцето.
Жртвата, како што пишуваат австриските медиуми, е од Србија, каде што припаѓала на „босанско-хрватското малцинство“. До жестока расправија и ескалација на конфликтот дошло во мал стан во виенскиот кварт Леополдштад (Leopoldstadt), каде што обвинетиот и жртвата биле гости кај заедничка пријателка од Србија. Наместо вечер исполнета со забава, уследила дебата и жестока караница за војната на Балканот, и тоа со смртоносен завршеток. Инаку, напаѓачот, кој работел на челични конструкции, за време на воениот конфликт бил мобилизиран во хрватската војска.
„Сите беа екстремно пијани“, рече адвокатот на одбраната Заид Рауф, објаснувајќи како ситуацијата излегла од контрола: „Тројцата меѓусебно се расправаа, а потоа ситуацијата ескалираше. Од еднаш се степаа жртвата и домаќинката. Тогаш мојот клиент 'пукна'. Отиде до кујнската фиока, зеде нож и го прободе“.
„Обвинетиот ја прободе жртвата со нож толку силно што сечилото од 25 сантиметри му го пробило грбот и продрело директно во срцето“, рече државната обвинителка на судењето, нагласувајќи дека несреќниот човек починал на лице место.
„Знам дека убив човек. Навистина ми е жал што е мртов“, се правдаше Хрватот пред судската порота. Потоа претседавачот на судскиот Совет му постави речиси реторичко прашање на обвинетиот: „Што мислите дека се случува кога ќе забиете некому нож во грб?“
„Можеби само повреди? Сакав само да го повредам. Го извадив ножот од фиоката, го прободев и тоа е тоа“, ладнокрвно одговори обвинетиот на судењето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата