НАЦИОНАЛНИТЕ ПАРТИИ победија на изборите во БиХ

Vecer | 05.10.2026

НАЦИОНАЛНИТЕ ПАРТИИ победија на изборите во БиХ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Првите прелиминарни резултати од општите избори во Босна и Херцеговина веќе даваат многу појасна слика за новиот распоред на политичките сили. По обработени околу 80 проценти од избирачките места, Денис Беќировиќ, Даријана Филиповиќ и Жељка Цвијановиќ водат во трките за трите места во Претседателството на БиХ, додека Саво Миниќ е нов претседател на Република Српска. Резултатите се прелиминарни и пребројувањето продолжува.

За бошњачки член на Претседателството, Беќировиќ освои 164.369 гласа, пред лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ со 148.036. Доколку оваа предност се задржи, Беќировиќ ќе обезбеди уште еден мандат во тричленото Претседателство.

Во трката за хрватски член на Претседателството води Даријана Филиповиќ со 92.854 гласа, пред Славен Ковачевиќ со 55.475. Кај српскиот член разликата е уште поголема, Жељка Цвијановиќ има 213.812 гласа, додека Маринко Божовиќ е на 102.877. Медиумите во БиХ, повикувајќи се на првите податоци на ЦИК, веќе ги издвојуваат Беќировиќ, Филиповиќ и Цвијановиќ како убедливи лидери во трите трки.

Според првите официјални прелиминарни резултати на ЦИК, Саво Миниќ практично ја обезбеди победата во трката за претседател на Република Српска, пред кандидатот на СДС, Бранко Блануша. Првите резултати покажуваат и дека Рамиз Салкиќ е во водство за една од потпретседателските позиции.

Ова е особено важен резултат за СНСД и Милорад Додиќ. Иако самиот не е кандидат, победа на Миниќ за претседател и силниот резултат на Цвијановиќ покажуваат дека неговата партија го задржува доминантното политичко влијание во Република Српска. СНСД уште во текот на вечерта објавуваше податоци според кои двајцата негови кандидати имаат значителна предност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk