logo
logo
logo

ХАОС ВО ТИРАНА - Молотови коктели пред институциите

Vecer | 14.10.2026

ХАОС ВО ТИРАНА - Молотови коктели пред институциите

Шестмина полициски службеници се повредени, 16 лица се уапсени, а против други 49 е покрената кривична постапка по насилните инциденти што се случија за време на вчерашниот протест пред министерството за образование во Тирана, соопшти албанската полиција.

Според полициското соопштение, за време на протестот што започна околу 14 часот пред министерството за образование, неколку маскирани учесници извршија насилни дејства. „Тие фрлаа тврди предмети, камени плочи, пиротехника и молотови коктели кон полициските службеници, државните институции, приватните субјекти и јавните објекти, со што континуирано ги изложија на насилство службениците што беа на должност“ – се посочува во соопштението.

Како последица на насилството, оштетени се оградите, ѕидовите и прозорците на зградата на министерството за образование, а искршени се и тротоарски огради, рекламни табли и сообраќајни знаци. Исто така, беа искршени и запалени предмети во една микрофинансиска институција, а оштетена е и стаклената фасада на приватен објект во сопственост на банка од втор ред. На улицата „Дед Ѓон Лули“ насилно беше скршена и една од вратите на зградата на Општина Тирана, по што беше подметнат пожар на првиот кат.

По преземањето мерки за документирање на насилните дејства и утврдување на одговорноста под раководство на Обвинителството во Тирана, полицијата ги уапси 16-те лица затекнати при извршување на кривичните дела. Станува збор за лица на возраст од 23 до 59 години, додека против други 49 лица е покрената кривична постапка.

Уапсените и кривично гонетите се осомничени за кривични дела „напад врз службено лице при вршење службена должност“, „нарушување на јавниот ред и мир“, „прекршување на правилата за експлозивни и запаливи материи“, „разбојништво во банки и штедилници“, „оштетување имот“, „уништување имот со пожар“, „спротивставување на службено лице за одржување на јавниот ред“ и „неовластено производство, поседување, набавка или продажба на ладно оружје“.

Истражниот тим, во соработка со обвинителството, продолжува со активностите за идентификување и на други лица вклучени во насилството врз полицајците, државните институции и приватните субјекти, како и за целосно документирање на сите незаконски дејства. Сите полициски материјали се доставени до Обвинителството во Тирана за понатамошно постапување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk