logo
logo
logo

Фицо: Црна Гора има историска можност, Словачка го поддржува членството во ЕУ до 2028 година

Vecer | 26.08.2026

Фицо: Црна Гора има историска можност, Словачка го поддржува членството во ЕУ до 2028 година

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ се сретна во Братислава со словачкиот премиер Роберт Фицо, кој ја потврди целосната поддршка на Словачка за амбицијата на Црна Гора да стане следната членка на Европската Унија до 2028 година. Соговорниците разговараа и за зајакнување на економските односи, инвестициите и конкретните проекти меѓу двете земји.

Милатовиќ и Фицо ги продолжија разговорите што започнаа во јуни во Тиват, за време на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, чиј домаќин беше Црна Гора.

Фицо му се заблагодари на Милатовиќ за гостопримството за време на Самитот и позитивно ја оцени средбата во Тиват. Тој рече дека Црна Гора има историска можност успешно да го заврши процесот на пристапување и ја потврди поддршката на Словачка за нејзиниот европски пат.

„Црна Гора е следната членка на Европската Унија. Нашата цел е да станеме 28-ма членка до 2028 година. Денес сме поблиску до тоа од кога било досега и сега е важно да се одржи темпото на реформите и да се заврши процесот на преговори“, рече Милатовиќ.

Покрај европската интеграција, значаен дел од разговорот беше посветен на економијата. Милатовиќ оцени дека добрите политички односи меѓу двете земји треба да бидат придружени со посилна економска соработка.

„Нашите политички односи имаат солидна основа. Сакаме тие сега да бидат придружени со повеќе инвестиции, деловни врски и проекти што имаат економска вредност за двете земји“, рече Милатовиќ.

Соговорниците ги препознаа енергетиката, транспортната инфраструктура, туризмот, земјоделството, ИТ секторот и дигитализацијата како области со потенцијал за посилна соработка. Тие разговараа и за продолжување на контактите воспоставени на минатогодишниот бизнис форум на Црна Гора и Словачка во Подгорица, на кој учествуваа повеќе од 30 словачки компании.

„На Црна Гора ѝ се потребни квалитетни инвестиции, нови знаења и партнери подготвени за долгорочни проекти. Важно е политичките разговори да бидат проследени со конкретни следни чекори“, додаде Милатовиќ.

Тема на состанокот беше и следната седница на Заедничката комисија за економска соработка, која треба да придонесе за понатамошно поврзување на институциите и економиите на двете земји. Милатовиќ и Фицо, позитивно ја оценија директната авио линија меѓу Подгорица и Братислава и нејзиното значење за туризмот и деловните контакти. Словачкиот премиер, исто така, го поздрави планираното отворање на Амбасадата на Црна Гора во Братислава, што треба дополнително да ја подобри соработката меѓу двете земји.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk