Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека без оглед на тоа колку е голем притисокот, Србија нема да го признае Косово. Тој нагласи и дека Србија ниту вовела, ниту ќе воведе санкции за Русија, ниту пак ќе влезе во НАТО.
Тоа го изјави одговарајќи на прашањето од новинарите во врска со повеќето наслови во црногорските медиуми дека има сè повеќе официјални лица кои можат „да му покажат заби“.
„Не е баш пристојно да одите и да покажувате заби, повеќе би сакал да беа заинтересирани да му помогнат на братскиот српски народ, наместо да учествуваат во секоја хајка против Србите. Но, нашите позиции се различни, од една страна ја имате Црна Гора која го призна Косово, а Србија тоа го нема направено и нема да го направи. Ја имате Црна Гора која е членка на НАТО, а Србија тоа не е и нема да биде. Третата работа е што Црна Гора беспоговорно ги воведе сите санкции за Руската Федерација, додека Србија тоа го нема направено и, колку што досега издржа, покажа дека нема ни да го направи. Кога ќе ги земете предвид само тие факти, сè останато помеѓу е политичка еквилибристика, а неретко и манипулација“, рече Вучиќ за време на обиколката на градилиштето на „Експо“ со министерот за финансии Синиша Мали и кинескиот амбасадор Ли Минг.
„Без оглед на големината на притисокот, Србија нема да го признае Косово“
Вучиќ порача дека Србија нема да го признае Косово колку и да биде голем притисокот.
„Не е во прашање само Германија, туку и многу други. По секоја цена сакаат да видат независно Косово. Сакаат да извршат што е можно поголем притисок врз Србија за таа да го признае Косово“, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија ова им го изјави на новинарите одговарајќи на прашањето дали можеби на Србија ѝ се заканува некаква опасност од регионот, со оглед на тоа што Германија донираше голема сума пари за т.н. Косовски безбедносни сили.
Како што истакна, тоа нема да се случи без оглед на тоа колкав ќе биде притисокот и колку и да ги напаѓаат Србите и да молчат за тоа.
Вучиќ додаде дека некои дури измислиле приказна дека Србите меѓусебно се тепале и дека Ненад Рашковиќ така ги здобил повредите.
„Нема лага со која нема да се послужат. Тоа доволно зборува за нив. Бегството од реалноста зборува за нивната слабост“, рече Вучиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата