Вистинска драма се случувала изминатата ноќ околу 2 часот по полноќ во Нов Белград, кога голем пожар целосно проголтал еден стан, а оштетил неколку околни објекти во станбена зграда. Во моментот кога избувнал пеколот, во станот спиеле баба, дедо и нивните две внучиња. За среќа, тие успеале да се разбудат навреме и да побегнат од огнот без повреди, но претрпеле огромен шок.
Поради силината на пламенот, на терен итно излегле 15 пожарникари со пет противпожарни возила, кои повеќе од два часа воделе жестока битка за да спречат стихијата да ја пеплоса целата зграда. Густиот црн чад кој брзо ги наполнил ходниците предизвикал паника и ги истерал исплашените станари надвор на улиците.
„Беше застрашувачки! Нè разбудија сирените и бучавата. Кога погледнавме низ прозорецот, видовме огромни пламени јазици како излегуваат од станот. Сите истрчавме директно надвор, никој не размислуваше за работи, само за да излеземе живи“, вели еден од видливо потресените соседи кој го опиша критичниот момент.
Иако зградата помина без жртви, материјалната штета е огромна. Според првичните сомнежи на станарите, виновник за овој ноќен хорор е неисправен полнач за мобилен телефон кој бил оставен вклучен во штекер во текот на ноќта, по што се прегреал и предизвикал спој. Полицијата изврши увид на местото на настанот за да ги утврди точните причини, а за случајот е известен и јавниот обвинител.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата