Приказната за уште еден таен воен комплекс во поранешна Југославија повторно се најде во центарот на вниманието. По одличниот серијал на јутјуб-каналот „Тера Кроација“ (Terra Croatia) за воената тврдина на островот Вис, авантуристот и фотограф Ален Банковиќ одлучи да го истражува напуштеното складиште за мини и торпеда на полуостровот Музил во Пула - фасцинантен подземен лавиринт кој датира уште од времето на австроунгарската монархија.
Комплексот служел како складиште за подводни мини и торпеда, додека тунелите се поврзани со тесна пруга со военото пристаниште во заливот Смоквица. Особено се интересни поради многубројните крстосници и коси премини.
Во комплексот се наоѓаат простории кои некогаш служеле како спални за војниците, простории за агрегати и работилници. Таму е и просторијата со вентилациски систем и контролна табла за регулација на вентилацијата и греењето.
Информативните плочки на уредите се испишани на италијански јазик, што укажува на можноста одделни делови од комплексот да биле доградени во периодот на италијанската управа.
Југословенската народна армија (ЈНА) ја напуштила Пула, подрачјето на Музил и подземното складиште во 1991 година. Во текот на наредните години комплексот бил затворен за јавноста, но постепено почнале да го откриваат истражувачи и вљубеници во напуштени објекти.

„Тишината во тунелите е морничава“
- Додека повеќето туристи во Пула уживаат во убавините на амфитеатарот и брегот, јас барам нешто сосема поинакво - скриени, напуштени и заборавени места. Овој пат, заедно со пријателот Златко, истражив една од најдобро чуваните воени тајни на поранешна Југославија, подземното складиште за мини и торпеда на полуостровот Музил - опишува Банковиќ.
- Музил со децении беше затворен за јавноста, а неговиот комплекс и денес остава впечаток на место од некое друго време. Да се најде влезот не беше едноставно, но кога конечно влеговме, нè дочека подземен лавиринт. Тесните ходници, масивните врати отпорни на експлозии и огромните простории во кои некогаш се складирале торпеда и денес се таму. Ова складиште било од исклучително стратешко значење. Изградено е за потребите на воената морнарица, а посебно внимание е посветено на тоа да биде незабележливо и отпорно на напади - додава тој.
Комплексот би можел да издржи многу силни експлозии
- Додека денес поминуваме низ овие пусти простории, тешко е да не се почувствува присуството на минатото. Тишината во тунелите е морничава. Светлината од нашите ламби ги осветлува ѕидовите на кои нема траги од влага, а одблесокот од секој чекор нè потсетува колку сме далеку од надворешниот свет. Токму таа атмосфера го прави истражувањето на вакви места толку возбудливо. Свесноста дека чекориме низ некогаш строго чувани воени објекти, кои денес се препуштени на забот на времето, му дава посебна тежина на секој чекор - заклучува Банковиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата