Најновите научни истражувања откриваат интересен, но и важен податок за македонските туристи кои летуваат во Северна Грција. Токсичната риба зајак (Lagocephalus sceleratus), која последниве недели предизвикува големо внимание во грчките медиуми, првпат била научно регистрирана во Солунскиот, односно Термајскиот Залив уште пред неколку години.
Уште позначајно е што подоцнежните истражувања покажуваат дека таму не станува збор за случаен улов, туку за повеќе единки, што упатува на можноста во овој дел од северниот Егеј веќе да се формирале локални популации на оваа инвазивна риба. Сепак, деталната проверка на најновите научни трудови, официјални извештаи и локални информации покажува дека во последните два месеца нема потврдени нови случаи на појава на рибата зајак во туристичките места каде традиционално летуваат македонски туристи.
Такви случаи не се регистрирани во Халкидики, на Олимписката Ривиера (Паралија, Лептокарија и Платамонас), ниту во Кавала, Тасос и Волос. Тоа, меѓутоа, не значи дека опасност не постои. Научниците предупредуваат дека видот постепено продолжува да се шири кон северниот дел на Егејското Море, а климатските промени и затоплувањето на морето создаваат сè поповолни услови за негово трајно населување.
Поради тоа, не е исклучено рибата во иднина почесто да се појавува и во туристичките региони што им се најблиски на македонските туристи. Најголема концентрација на рибата зајак и натаму има во јужниот и југоисточниот дел на Егејското Море, околу Крит, Додеканезите и источниот Медитеран. Токму таму рибарите со години предупредуваат дека овој вид предизвикува огромни штети, ги кине рибарските мрежи, го уништува уловот и ја нарушува локалната морска екологија.
Локални снимки и медиумски објави покажуваат дека рибата веќе се појавува и на Евија, што ја потврдува тенденцијата на ширење кон север.
Нејзината појава во Солунскиот Залив заслужува внимание, не затоа што претставува непосредна опасност за туристите, туку затоа што покажува дека инвазивниот вид веќе стигнал многу поблиску до најпосетуваните грчки летувалишта отколку што многумина претпоставуваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата