Центарот за податоци Пантеон ќе се гради во општината Топуско, во Сисачко-Мославинската жупанија во Хрватска, што ќе биде една од најголемите инвестиции досега во Хрватска и во овој дел од Европа. Центар за податоци со моќност од 1 гигават (GW) треба да генерира илјадници работни места. Инвеститори се хрватскиот бизнисмен Јако Андабак и американски институционални инвеститори, кои ќе бидат претставени на самитот „Иницијатива за три мориња“ во Дубровник. Наводно, станува збор за инвестиција вредна дури и повеќе од 50 милијарди евра
Со нејзината имплементација, Хрватска ќе се позиционира на врвот на европската дигитална економија. Вечерњи лист пишува дека изградбата на овој центар за податоци треба да започне следната година, а треба да биде завршена на почетокот на 2029 година.
За споредба, Лондон има капацитет на центарот за податоци од 2-3 GW, Франкфурт 1,5-2 GW, Амстердам 1-1,5 GW, Даблин повеќе од 1 GW, а Париз 0,8-1,2 GW. Хрватскиот Пантеон ќе има потрошувачка на електрична енергија еднаква на вкупната потрошувачка на електрична енергија во цела Риека.
Следствено, планирана е изградба на сопствена трафостаница и 280 километри нови далноводи. Во близина на овој центар за податоци ќе биде изградена соларна електрана со капацитет од 500 мегавати, која ќе биде наменета исклучиво за потребите на овој центар. Намерата е центарот да не создава притисок врз постојниот електроенергетски систем, туку да се потпира на сопствените капацитети. Тие капацитети ќе бидат од обновливи извори на енергија.
Со оглед на тоа што центрите за податоци мора да се ладат, објектот во Топуско нема да биде поврзан со постојната јавна мрежа за водоснабдување и канализација, туку ќе користи сопствени бунари и затворени системи за ладење.
Хрватскиот центар за податоци ќе го има стандардот Tier 4, што е највисок стандард во Европската Унија. Ова ќе значи минимални прекини во работата. Меѓу оние што ќе го водат овој проект е инженерот Мислав Црногорац, кој исто така има искуство во работата во Amazon. Тој има дизајнирано повеќе од 50 центри за податоци низ целиот свет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата