Организаторите објавија дека концертот нема да се одржи поради проблеми со компанијата ангажирана за техничка реализација на настанот.
Според нивните изјави, белградската компанија „Диги Медиа Продакшн“ била задолжена за целосната продукција на концертот, вклучувајќи ја сцената и техничките услови потребни за негово одржување.
Организаторите тврдат дека компанијата од самиот почеток била запознаена со роковите и техничките барања, но дека договорените обврски сè уште не биле исполнети. Поради ова, наведуваат тие, не биле обезбедени потребните услови за безбедно одржување на концертот.
„Другата страна не го исполнила она што била обврзана да го обезбеди според договорот“
Во соопштението за медиумите, тие ја отфрлија можноста одговорноста за откажувањето да се префрли на нив и рекоа дека го направиле својот дел.
„Не можеме да го преземеме ризикот со одржување на концертот бидејќи другата договорна страна не го исполни она што беше обврзана да го обезбеди според договорот. Безбедноста на изведувачите, публиката и сите учесници беше и останува апсолутен приоритет за нас“, велат организаторите.
Тие додадоа дека поради сето погоре наведено, биле принудени да донесат одлука да го откажат концертот на Дино Мерлин во Краљево.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата