Успешна сезона остави зад себе Македонскиот Народен Театар, со најава за следната дека ќе биде уште подобра а започнува со премиера на претставата „Три сести“ според драмата на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола. Креативниот тим пак го сочинуваат: сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.„Во текот на сезоната Македонскиот народен театар оствари бројни гостувања во Македонија и во странство, меѓу кои во Будимпешта, Дубровник, Врање, Пожаревац, Ќустендил, Струмица, Куманово, Велес, Прилеп, како и на други фестивали и сцени, успешно претставувајќи ја македонската театарска уметност пред домашната и меѓународната публика“, информираат од театарот. Сезоната се одбележа со бројни копродукции со домашни и меѓународни партнери, потврдувајќи ја уште еднаш определбата на Македонскиот народен театар за отворање нови авторски поетики, современи сценски изрази и регионална соработка, додаваат од таму.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата