„Пасворд продукција“ има особена чест да го најави и организира најголемиот концерт досега на двата најголеми оперски гласа кои Македонија му ги подари на светот – Ана и Игор Дурловски!
На 6. декември 2026 година, во СЦ „Јане Сандански“, Ана и Игор Дурловски, придружувани од 100 македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“ и нивните пријатели ќе приредат ексклузивна концертна вечер во која ќе се спојат безвременските теми од филмската музика, ремек-делата од оперскиот репертоар и богатството на македонското музичко наследство – сите во комплетно нови аранжмани.
Низ двочасовниот концерт, Ана и Игор премиерно ќе ви презентираат дела преработени во соработка со аранжерот Сони Петровски, а со музичка поддршка на 100 музичари под диригентската палка на диригентката Ана Спасовска. Ќе пропатуваме заедно низ светот на филмот, од Shallow, Parla piu’ piano и The Book of Love, до оперската класика Кармина Бурана, за повторно да ве вратат дома до легендарниот Тоде Новачевски и темата од Tрст виа Скопје, па на крај сите заедно да си спомнеме за “Дејгиди луди млади години”.
Една вечер, два гласа и ЗАВЕТ, кој овој брачен пар си го даде дека целото искуство собрано по светските сцени ќе се врати и ќе го претстави дома. Завет, дека македонскиот глас ќе се слушне насекаде низ светот. Завет за концерт кој доаѓа како круна на нивната 30 годишна работа и нивната љубов, еден кон друг и заедничката кон Македонија. За крајот на 2026-та еден е изборот, ЗАВЕТ – „од светот до изворот“. Настан што не се случува секој ден, светски спектакл со она што Македонија го има како најдобро, ЗАВЕТ со македонски уметници на македонско тло!
Влезниците се достапни во продажба преку MkTickets и нивната продажна мрежа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата