Бојана Скендеровски со „Тука сме“ испраќа порака дека секое дете заслужува да биде видено и слушнато

Vecer | 23.11.2026

Бојана Скендеровски со „Тука сме“ испраќа порака дека секое дете заслужува да биде видено и слушнато
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Понекогаш една песна може да каже многу повеќе од илјадници зборови, особено кога зад неа стои искрена приказна и желба да се даде глас на оние чии приказни не секогаш стигнуваат до јавноста. Токму таква е „Тука сме“, песната што Бојана Скендеровски им ја посветува на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, по повод 80-годишниот јубилеј на установата.

Како нивен амбасадор на хуманоста, Бојана ја прифати оваа улога со особена емоција и одговорност, но и со желба преку музиката да ја пренесе пораката на децата и да потсети дека секое од нив има своја приказна, соништа, надежи и потреба да биде слушнато. „Тука сме“ е нивниот глас, нивното едноставно, но силно обраќање до светот - сакаме да знаете кои сме и дека сме тука.

Песната е создадена со многу емоција и посветеност. Музиката, аранжманот, како и миксот и мастерингот се на Димитар Андоновски, додека текстот го потпишува Тина Иванова. Во реализацијата учествуваа и децата од Детскиот дом „11 Октомври“, како и децата од НВО Дневен центар „Доза среќа“, а посебна топлина на песната ѝ даде и детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола.

„Среќна сум што ја имам можноста да бидам дел од една ваква приказна и што можам да придонесам да се слушне гласот на овие прекрасни деца. Со нив се дружам со огромно задоволство и секоја средба ме потсетува колку многу можеме да научиме од нивната искреност, храброст и насмевки. Не сакам да зборуваме за нив како за деца на кои нешто им недостига, туку да ги запознаеме како личности со свои соништа, таленти и желби. Тие имаат што да ни кажат, а наше е да застанеме, да ги слушнеме и да им покажеме дека не се сами. За мене, оваа песна е многу повеќе од музички проект, таа е порака дека храбрите, искрени борци водат тивки битки и победуваат“, вели Бојана.

Со „Тука сме“ одбележувањето на значајниот јубилеј на Детскиот дом „11 Октомври“ добива и музички спомен, но, пред сè, потсетник дека вниманието, поддршката и човечката блискост не треба да бидат гестови само во посебни прилики, туку дел од нашето секојдневие. Затоа што понекогаш најважното што можеме да му го подариме на едно дете е чувството дека некој го гледа, го слуша и верува во него.

Зад видеото на „Тука сме“ се потпишува Скендеровски продукција. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk