Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека Украина останала без пресретнувачки ракети за своите системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ по уште еден голем руски напад во текот на ноќта, истакнувајќи дека била соборена само една балистичка ракета. .
Според украинските власти, најмалку девет лица загинале, а повеќе од 30 биле повредени само во Киев. „Службите за итни случаи сè уште гаснат повеќе пожари што избувнаа во главниот град и во околниот регион“, објави Зеленски на социјалните мрежи. Тој наведе дека биле оштетени 18 станбени згради, училиште, амбасадата на Литванија и инфраструктурни објекти.
„Руските напади погодија обични станбени згради“, додаде тој.
„Секоја пратка со пресретнувачки ракети спасува животи на нашите луѓе“ „Во текот на ноќта, Русија лансираше 35 ракети – од кои 27 беа балистички – како и 185 напаѓачки дронови од различни типови“, рече Зеленски.
Киев беше главната цел, но нападнати беа и регионите Днипропетровск, Суми, Харков и Полтава.
Зеленски нагласи дека е пресретната само една балистичка ракета бидејќи Украина останала без ракети-пресретнувачи за своите системи „Патриот“ – системи за противвоздушна одбрана од американско производство. Балистичките ракети се особено тешки за соборување поради нивната голема брзина, а системите „Патриот“ генерално се сметаат за најефикасна одбрана од нив.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата