Вежбата се одржа неколку дена откако Турција и Либија ратификуваа договор за поморска демаркација на кој се спротивставуваат Израел, Грција, Кипар и Египет, соопшти израелската војска.
Во вежбата, која се одржа оваа недела, учествуваа израелски ракетни чамци и бродови од неколку грчки морнарички единици. Ја предводеа командантот на израелската морнарица, вицеадмиралот Ејал Харел и командантот на грчката морнарица, вицеадмиралот Димитриос-Елефтериос Катарас, заедно со началникот на штабот на грчките вооружени сили, генерал Димитриос Цупис, објави „Тајмс оф Израел“.
Силите на двете земји вежбаа различни оперативни сценарија, заедничка навигација и одговор на закани на море, соопшти израелската војска.
„Вежбата претставува уште еден чекор во продлабочувањето на оперативната соработка меѓу израелската и грчката морнарица, со цел зајакнување на заедничката подготвеност и зачувување на слободата на дејствување во Средоземното Море“, се вели во соопштението на израелската војска. Харел оцени дека стратешкото партнерство со Грција е „значаен фактор што ги зголемува оперативните способности“.
Тој додаде дека тоа ја зајакнува способноста на двете земји да дејствуваат заедно во одбранбени и офанзивни операции за зачувување на безбедноста и слободата на пловидба во Средоземното Море.
Израелско-грчката поморска соработка се интензивираше во последните години, особено во време на влошување на односите меѓу Израел и Турција. Анкара претходно беше близок регионален партнер на Израел, додека односите меѓу Турција и Грција традиционално беа оптоварени со спорови, објави израелскиот портал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата