Израелски доселеници запалиле неколку палестински домови во заедницата Хирбет ал-Туба во окупираниот Западен Брег, при што шест лица биле повредени, меѓу кои жени и деца кои претрпеле последици од вдишување чад.
Нападот се случил во областа Масaфер Јата, каде што, според палестинската новинска агенција „Вафа“, вооружени доселеници ги запалиле куќите на палестински семејства. По инцидентот, израелските сили спровеле и рации на повеќе локации низ Западниот Брег, а во градот Ал-Бире протерале жители од три домови, кои потоа биле претворени во воени пунктови. пренесува „Анадолија“.
Израелските сили биле распоредени и во блиската населба Ум ал-Шарајет, каде што затвориле главни патишта и го ограничиле движењето на Палестинците.
Во друга област, доселеници влегле со својот добиток во пределот Шааб ал-Луз, продолжувајќи ги нападите врз палестинскиот имот и земјиште.
Паралелно, израелските сили продолжиле со голема операција во Кафр Акаб и во бегалскиот камп Каландија, северно од окупираниот Источен Ерусалим.
Медиумскиот центар „Каландија“ соопшти дека војниците претресле десетици домови и привеле околу 15 Палестинци, меѓу кои и една жена.
Палестинската Црвена полумесечина претходно соопшти дека нејзините екипи згрижиле осум Палестинци кои биле претепани од израелските сили за време на операцијата.
Тие евакуирале и пет пациенти од кампот, откако војниците го ограничиле пристапот до повредените и до болните.
Од почетокот на израелската воена операција во Газа во октомври 2023 година, нападите на израелската армија и доселениците врз Палестинците на окупираниот Западен Брег се зголемиле.
Според официјални палестински податоци, во овие напади загинале повеќе од 1.182 Палестинци, околу 13.000 се повредени, а речиси 24.000 се уапсени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата