Во тек е потрага по исчезнатите членови на екипажот, а засега никој не е обвинет за нападот, кој според досегашните информации е прв таков напад врз бродови во економската зона на земја-членка на НАТО.
Бугарскиот премиер Румен Радев ќе ѝ се обрати на јавноста во 11:15 часот по локално време, на почетокот на вонредната седница посветена на нападите со дронови во кои беа погодени два трговски брода во Црното Море во близина на Бугарија – од кои едниот потона – соопшти владата.
Не се знае од каде дошле дроновите. Екипажот на потонатиот брод се води како исчезнат, додека членовите на екипажот на другиот брод се спасени, изјави Румен Николов, раководител на операциите за спасување во Варна, како што пренесе јавниот сервис БНР.
Бугарскиот портал Maritime.bg објави дека станува збор за бродовите „Алфа Ватан“ (Alfa Watan), кој плови под знамето на Того и за кој се наведува дека потонал, и „Ејбл“ (Able), кој плови под знамето на Палау.

Сите 18 членови на екипажот на вториот брод го напуштиле пловилото откако избувнал пожар и биле спасени од бугарскиот ферибот „Диоскурија“ (Dioscuria). Некои од нив се повредени.
Сè уште не е утврдено од каде дошле дроновите, објави порталот. Инцидентот се случи само еден ден откако најмалку еден дрон нападна товарен брод во сопственост на Турција, кој превезувал жито во Црното Море. Бродот на крајот потона по избувнувањето на пожарот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата