Во тек е истрагата на кипарските власти за пронаоѓање на 56-годишниот руски тајкун Владислав Баумгертнер, поранешен извршен директор на рускиот гигант за вештачки ѓубрива „Уракали“, кој од средата се води за исчезнат од неговиот дом во близина на градот Лимасол, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарската полиција вчера издаде соопштение во врска со исчезнувањето на Баумгертнер со фотографија и детални податоци, барајќи информации што би можеле да помогнат во неговото пронаоѓање.
- Полицијата бара информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на Владислав Баумгертнер, 56-годишен од Русија, кој од 07.01.2026 година исчезнат од неговото место на живеење во Лимасол, пишува во соопштението од полицијата
Според кипарските медиуми исчезнувањето го пријавила неговата вработена, која ги информирала властите дека не одговарал на нејзините телефонски повици, а во истрагата за пронаоѓање на бизнисменот во саботата и вчера биле спроведени детални истраги со припадници на полицијата, членови на Одделот за истраги и спасување од Лимасол, волонтери, како и хеликоптер и дрон.
Во текот на вчерашниот ден во фокусот на потрагата бил западниот дел на Лимасол и областа Писури, каде што бил откриен последниот сигнал на мобилниот телефон на исчезнатиот.
Медиумите на Кипар пишуваат дека во 2013 година, Баумгертнер бил уапсен на аеродромот во Минск и задржан во центар за привремен притвор, а според весникот „Филелефтерос“ „неговиот апсење беше врв на конфликтот меѓу Москва и владата на Белорусија околу „картелот“ на калиум (хидроксид на калиум), по одлуката на „Уракали“ да ја прекине соработката со државната компанија „Беларускали“.
- Баумгертнер тогаш беше обвинет за злоупотреба на власт и во ноември 2013 година беше екстрадиран во Москва, каде што му беше определен домашен притвор пред да биде разрешен од функцијата во „Уракали“. Иако обвиненијата против него беа целосно повлечени во 2015 година, случајот тогаш се сметаше за политичко заложништво во рамките на односите меѓу Путин и Лукашенко, пишува кипарскиот весник.
Според „Сајпрус Тајмс“, Баумгертнер потоа, се вратил на бизнисот, го презел раководството на „Глобал Портс“ и во последните години живее на Кипар.
На Кипар, актуелен е уште еден случај со руски државјанин, неповрзан со исчезнувањето на Баумгертнер.
Кипарските медиуми пишуваат дека во четвртокот, во руската амбасада во Република Кипар бил пронајден мртов еден од вработените.
Од руската амбасада денеска излегоа со соопштение со кое информираат за смртта на нивниот колега, А.В. Панов, вработен во амбасадата, кој починал на 8 јануари 2026 година.
- Неговата смрт е длабоко лична трагедија за неговото семејство и пријателите. На семејството му е пружена сета потребна помош и поддршка. Амбасадата, во соработка со кипарските власти, работи на обезбедување на брза репатријација на неговото тело во неговата татковина, соопштија од амбасадата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата